Папата Франциско е исправен пред својот прв сериозен тест, бидејќи треба да се произнесе за судбината на епископот на германскиот град Лимбург, кој стана познат како Епископ на луксузот, пренесоа француските меидуми.
Монсињор Франц Петер Тебарц-ван Елст ја заработи скандалозната слава со колосалната сума што ја потроши за изградбата на седиштето на својата епархија во Лимбург. Првично проектот било испланирано да чини 5,5 милиони долари, но благодарение на епископот сумата достигнала 31 милион евра. Освен тоа, духовникот долго време се обидувал сето тоа да го сокрие од печатот.
Во новата зграда има музеј, конференциски сали, параклис, како и приватен апартман на епископот. Само тој чинел 2,9 милиона евра, а кадата во бањата дури 15.000 евра. Франц Петер Тебарц-ван Елст (53) беше критикуван и заради своето арогантно држење.
Епископот вчера дискретно пристигнал во Ватикан за да присуствува на одлуката за неговата судбина, што треба да се донесе неделава. Одлуката за неговата иднина се смета за тест за папата, кој проповеда дека католичките духовници треба да живеат скромно и да бидат блиску до народот.
За случајот се произнесе и германската канцеларка Ангела Меркел, која е ќерка на протестантски пастор. Таа скандалот го оцени како тешко бреме за целата католичка заедница, но посочи дека нема на Ватикан да му дава совети што да прави со епископот.
Во Германија црквите добиваат повраток од специјален данок, што ги прави побогати од оние во соседните земји. Тие финансираат асоцијации, училишта, мисии и проекти за развој.
Во 2011 година за време на својата посета на Германија германскиот папа Бенедикт Шестнаесетти ја критикуваше германската Црква дека е ефикасна, но нема душа.