Астрономите од опсерваторија на Хаваи открија талкачка планета надвор од Сончевиот систем која плута низ Вселената и не кружи околу некоја ѕвезда.
Гасовидната егзопланета наречена PSO J318.5-22 е оддалечена 80 светлосни години од Земјата и има маса шест пати поголема од масата на Јупитер, а настанала пред 12 милијарди години, па се смета во астрономски мерила за „новородена”.
„Никогаш претходно немаме забележано такво тело слободно да плута во Вселената. Ги има сите карактеристики на младите планети коишто ги гледаме околу другите ѕвезди, меѓутоа плута во просторот сосема сама. Секогаш се прашував дали постојат такви поединечни тела и сега знаеме дека постојат”, изјави раководителот на истражувањето Мајкл Лиу од Институтот за астрономија на хавајскиот универзитет во Хонолулу.
Научниците за своето откритие пишуваат студијата објавена во магазинот Astrophysical Journal Letters во којашто се наведува дека ја идентификувале планетата според нејзиниот блед и единствен топлотен „потпис” користејќи го телескопот Pan-STARRS 1 поставен на вулканот Халеакала на островот Мауи. Заклучиле дека новооткриената планета би можела да ја има најниската позната маса од сите откриени слободни тела коишто плутаат. Другите телескопи на Хаваите покажале дека планетата има слични карактеристики како и гасните гиганти кои кружат околу младите ѕвезди, но на оваа и’ недостига матична ѕвезда.
Во текот на изминатите десет години научниците открија околу илјада планети надвор од Сончевиот систем, користејќи ги индиректните методи вклучувајќи го и затемнувањето или неправилното движење на матичните ѕвезди кои ги предизвикуваат таквите планети. Меѓутоа, само неколку од тие планети се набљудувани директно, бидејќи повеќето се движат околу младите ѕвезди кои се и помлади од 200 милиони години па затоа и се многу сјајни.