Точно во 13 часот пред Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип беше кренато макфестовското знаме со што и официјално стартуваше 28-то издание на интернационалниот фестивал „Макфест“. Честа да го крене знамето му припадна на младиот изведувач и автор Илија Ќосевски од Штип.
„Уште во мај месец, кога Општина Штип на чело со градоначалникот реши да ме постави за уметнички директор на фестивалот ‘Макфест’, многу добро знаеја што ќе значи тоа. Без зборови и без многу убедувања, само со апел и повик и сознанието дека е Драган Мијалковски во прашање, сите овие млади автори и интерпретатори што се овде, се разбира и поискусните што се вклучија, направија нешто прекрасно што мене ме воодушеви за ‘Макфест’ во одличен момент да се врати на она место што си го заслужи со сите претходни креатори, кои го правеа во минатото“, истакна уметничкиот директор на „Макфест“, Драган Мијалковски, на денешната прва прес-конференција.
Мијалковски истакна дека во првиот конкурсен рок за избор на композиции за 28-то издание на Макфест бројот на доставени композиции било многу мал, а и голем број од нив биле и одбиени поради што рокот бил продолжен. Благодарение на апелот и ангажираноста на авторите од Штипско, како и од останатиот дел на Републиката, во продолжениот рок биле доставени поголем број композиции, од кои биле избрани најдобрите.
На прес-конференцијата беа промовирани и 24-те изведувачи што вечерва ќе имаат можност да се претстават пред штипската публика. 18 од нив ќе имаат можност да се пласираат во втората финална вечер, од кои 12 ќе избере публиката, а стручното жири ќе има дискрециско право да избере уште шест за кои смета дека заслужиле да го продолжат натпреварувањето.
Секој што е дел од публиката ќе има можност да го оствари своето право на глас на тој начин што на билетите, кои се кодирани, ќе заокружи три композиции што смета дека треба да продолжат понатаму, а потоа со електронско пребројување на гласовите ќе се утврди кои 12 композиции продолжуваат.
Во продажба се пуштени 650 билети, колку што е и капацитетот на големата салата кшто се наоѓа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.
Ревијалниот дел од фестивалот ќе биде збогатен со настапот на холандскиот кантавтор Вил Нелеманс.
Првата фестивалска вечер започнува денес во 21 часот, а според пресметките што ги направија организаторите би требало да заврши до 23 часот, по што љубителите на добрата храна и убавата музика ќе можат да бидат дел и од манифестацијата „Штипска пастрамајлијада“, која се одвива паралелно со 28-то издание на „Макфест“.
М.Р.