По повод националниот празник 11 Октомври, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов денеска во Прилеп положи цвеќиња и се поклони пред споменикот на првиот претседател на президиумот, Методија Андонов Ченто.
Претседателот Иванов присуствуваше и ја разгледа воената изложба на македонската Армија на булеварот во центарот на Прилеп, а ги следеше и вежбите на елитните единици на Армијата, посебно на алпинистичката која изведе спуштање и пренесување луѓе од 13-катната зграда во центарот на градот.
Според потполковник Тони Јаневски, офицер за односи со јавност при здружената оперативна команда на АРМ, оваа прва изложба и демонстрација е во соработка со прилепската касарна и со локалната самоуправа во чест на празникот.
– Оваа манифестација не само што ќе го збогати овој голем ден туку и ќе покаже на кое ниво е соработката на Армијата и цивилните структури. На повеќе пунктови ги изложивме речиси сите борбени средства и опрема, а и ги покажуваме вештините на нашите единици за специјални намени, како што се вештините на апинистичката еденица од единиците за специјални намени што предизвика огромен интерес кај народот, рече Јаневски.