Европската криза стара, американската блокада нова тема на средбите на ММФ и Светската банка

Од:

Во Вашингтон вчера почнаа редовните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, на кои учествуваат гувернери на централните банки, министри за финансии, политичари и експерти од целиот свет, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Македонија ја претставуваат гувернерот на Народната банка Димитар Богов и вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставревски. Средбите поминуваат во знак на политичката криза во САД која предизвика блокада на буџетот и се заканува со банкрот, дотаму што еврокомесарот Оли Рен беше пречекан со коментар дека веројатно е среќен што конечно е во земја која има поголеми проблеми отколку Европската Унија.

– Недостигот нарешителност може да има многу негативни последици за американската економија и да предизвика прелевање што би значело негативни последици за остатокот на светот. Може да се предизвика нова криза, која ќе трае уште подолго, изјави директорката на ММФ Кристин Лагард.

Рен, во дискусија во музејот Декатур во Вашингтон, изјави дека очекува скромно подобрување на економската состојба во Европската Унија и постепено излегување од рецесијата, но дека во Брисел се загрижени поради запирањето на растот на земјите во развој, пред се БРИК земјите, и секако, поради блокадата во САД. Еврокомесарот и повеќе соговорници од европските институции најавија дека главни мерки за излез од кризата на ЕУ се создавање на федерални институции, водени од Брисел, за регулирање на банките – таканаречената банкарска унија.

Рен ги повика европските земји кои во изминатите години се соочија со банкрот да продолжат со реформите и најави дека годнава може да се очекува Ирска и Шпанија да излезат од европските програми за помош. Но, за Грција, Рен најави дека на пролет може да се знае дали земјата успеала да постигне буџетски суфицит, доколку не се сметаат обврските за исплаќање на огромниот долг, што е прагот што ЕУ го постави за да се оценат можностите на Грција за излез од кризата.

Рен, претставникот на Европската централна банка Јорг Асмусен и Клаус Реглинг, задолжен за програмите за помош на банкротираните држави, се соочија со бројни прашања од грчките новинари, зошто досегашните мерки морале да бидат толку болни за грчката држава, која загуби четвртина од својата економија и се соочи со невработеност од над 28 проценти.

– Беше неизбежно Грција да се соочи со ваков удар. Државниот сектор во Грција беше зголемен со децении, од страна на сите влади и партии во земјата, далеку над можноста на економијата да го одржува понатаму. Личните интереси и политичката реалност во Грција не дозволија да се спроведат реформите во прво време, и затоа таа почна да излегува од кризата дури откако реформите беа спроведени, изјави Рен, кој најави дека по пролетните проценки на грчката економија, ќе може да се разговара за продолжување на роковите за отплата на грчкиот долг и за натамошно намалување на стапките и помош за буџетот, но еврокомесарот и другите говорници ги отфрлија барањата на грчките новинари за повторна акција за бришење на грчкиот долг, кој изнесува над 170 проценти од целата годишна грчка економија.

Реглинг изјави дека Грција веќе има крајно поволни услови за отплата на преостанатиот долг, со 30 годишни рокови, и ниски каматни стапки, што практично претставува вид на простување на долгот, додека Асмусен ги потсети Грците дека кога бараат бришење на долгот, се работи за туѓи пари.

– Кога ММФ ги прави анализите на долговите, тие зборуваат за туѓи пари. Предлагаат други доверители на задолжените држави да сторат нешто. Во овој случај, доверителите се државите на евро-зоната, потсети Асмусен, кој како и Реглинг е претставник на Германија, на чиј товар паднаа досегашните пакети за финансиска помош на задолжените европски држави.

Во меѓувреме, турскиот вицепремиер задолжен за економија Али Бабачан во универзитетот Џонс Хопкинс го претстави економскиот напредок на Турција во изминатите десетина години.

Бабачан рече дека Турција успеала да ја искорени екстремната сиромаштија во земјата и со воздржаните банкарски политики да спречи прелевање на светската финансиска криза во Турција.

– Турција има економија која е над нивото на многу држави-членки на Европската унија. Веќе не е прашање дали Турција е подготвена за членство во ЕУ, туку дали Европската унија е подготвена да ја прими Турција, изјави Бабачан.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија