„Немам загрозено ничиј живот, само ја извршував својата новинарска работа. Преку моите текстови открив како функционира судството и како функционираат структурите во МВР. Ниту еден текст напишан во „Репортер 92“ не беше демантиран. Заштитениот сведок, не знам кога стана заштитен иако сум бил кај него дома и имам разговарано со неговото семејство, каде ми ги објаснуваше за полициските тортури кои ги доживувал и притисоците под кои давал исказ во полиција“, се дел од завршните зборови на новинарот Томислав Кежаровски во судница.
Адвокатите на одбраната едногласно посочија дека очекуваат ослободителни пресуди за сите инволвирани во случајот „Ликвидација“. Според нив правосудството е на тест, а Кежаровски е само колатерална штета во целиот случај. Не можело некој кој само пишувал новинарски текстови да биде зад решетки рече поранешниот врховен судија сега адвокат на еден од обвинетите Јован Јоанидис.
„Томислав Кежаровски во целиот случај е колатерална штета, заедно со двајцата угостители. Очекувам ослободителна пресуда, како за мојот клиент така и за сите што се обвинети во случајот „Ликвидација“, рече Јоанидис.
Обвинетите во „Ликвидација“ се во притвор веќе петти месец со ред. Меѓу нив е и новинарот Кежаровски кој стана дел од обвинетите за напишан текст во списанието „Репортер 92“. Обвинителството го товари дека го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ и така му го загрозил животот.
Судскиот случај кој се одвива забрзано, се очекува следната недела да добие епилог. Адвокатите на обвинетите на неколкупати апелираа дека го спорат начинот на кој полицијата, преку посебните истражни мерки, прибавила докази за да го комплетира обинението. Според нив спорни се времетраењето на посебните истражни мерки.
Слобода за новинарот Кежаровски освен новинарските здруженија во земјава побараа и здруженија од регионот и Европа. Преставникот за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, преку писмо директно до Премиерот Никола Груевски побара, Кежаровски да биде ослободен – на што возврати претседателот на Владата дека извршната нема ингеренции над судската и дека не сака да се меша во работата на судот.
Бојан Стојановски