Со комедијата „Претежно ведро“ на режисерот Марко Петри, снимен минатата година, вечер во кино „Милениум“ ќе почне 9. Фестивал на новиот германски филм, кој под мотото „Го сакам филмот“ ќе трае до 16 октомври.
Ќе бидат прикажани 14 филмски наслови кои се пресек на најдоброто од новата германска кинематографија, во организација на Амбасадата на Германија во Скопје и банката со германски капитал ПроКредит.
Од утре до завршувањето во среда, фестивалот ќе се одржува во киното „Фросина“ и ќе има две вечерни проекции, од 19 и од 21 часот, по цена од 100 денари за влезница.
Филмот „Претежно ведро“ ќе биде репризиран утре од 19 часот. Актерот Елијас Мбарек за улогата во овој филм ја доби наградата „Јупитер“ за најдобар германски актер во 2013 година.
Утре во терминот од 21 часот ќе биде прикажана драмата „Невидливата“, за кој Стине Фишер Кристенсен победи во категоријата најдобра главна улога на филмскиот фестивал во Карлови Вари.
На 12 октомври ќе бидат прикажани „Руско диско“ и „Големиот сон“, на 13 октомври на програмата се „Човек го прави тоа што го може“ и „Секогаш другите се виновни“, потоа „До хоризонтот, па лево“ и „Ох, момче“ (14 октомври), „Слава“ и „Викенд“ (15 октомври) и документаците „Мојот пат до Олимпијадата“ и „Капетанот и неговиот пират“ (16 октомври). Во деновите на викендот од 11 часот ќе бидат прикажани филмови за деца – во сабота „Јоко“ и во недела „Петмина пријатели“.
– Филмовите се на германски режисери, повеќето од нив млади, не се блокбастери како во американската продукција, туку филмови кои се прикажани и се гледани во германските кина. Ги има од различни жанрови и за сите генерации – комедии, драми, трагедии, филмови за деца, документарци, екранизации… рече на прес-конференција Хелга Тајпел, аташе за култура во Германската амбасада.
Покрај во Скопје, фестивалот ќе гостува уште во осум градови – Велес, Штип, Тетово, Прилеп, Битола, Струмица, Кавадарци и годинава првпат во Куманово.
Организаторите се задоволни од посетеноста на проекциите во минатите години. Лани имало 10.000 гледачи и затоа од година во година се зголемува бројот на филмови што се прикажуваат, градовите каде што тој гостува и деновите на траење. Пред девет години фестивалот почна само со три филма во Скопје, а оваа година има 14 филмови, во девет градови и трае шест дена.