Металург ја постигнаа третата победа во СЕХА лигата, а прва на домашен терен и со вкупно 11 бодови се пробија на третото место на табелата. Попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ Металург славеше триумф над белграски Партизан со 26:21( 14:10). Металург е единствената екипа без пораз во СЕХА лигата. За Партизан ова беше петти пораз.
И на овој натпревар тренерот на Металург Лино Червар им даде шанса на помладите играчи, а настапи со комбиниран состав каде оние стандардните играа воглавно во првиот дел.
Највисоката предност + 11 голови, Металург ја имаше во 52.минута – 25:14, а потоа гостите од Белград со серија од 7:1 намалија на 26:21, што беше конечен резултат.
Најефикасни на натпреварот беа Павел Атман и Филип Талевски со по 4 голови. Голманите на Металург имаа вкупно 20 одбрани (Раде Мијатовиќ 11 и Никола Митревски 9).
На чело на табелата е Вардар со 13 бодови, а Татран Прешов има 12.
Металург утре заминува за Барселона каде во сабота го игра натпреварот од 3.коло од Лигата на шампионите.