Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Берово потенцира дека МВР целосно му стои на располагање на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, за сите потребни податоци околу Избирачкиот список.
Таа нагласи дека Изборниот законик многу јасно, прецизно и недвосмислено ја дефинира институцијата која е надлежна за водење на Избирачкиот список, а тоа е ДИК која е единствен орган, подвлече, да врши промени во Избирачкиот список и во смисла на запишување и во смисла на бришење и во смисла на корекции на самиот избирачки список.
Таа му порача на Кондарко да почне да се однесува сериозно и да ги извршува законските надлежности околу Избирачкиот список. Првата работа, според неа, е претседателот на ДИК да закаже состанок и да се зафати со работа.
– Јас му порачувам уште веднаш да закаже седница на ДИК на која ќе утврдат процедури како ќе продолжат со прочистувањето на Избирачкиот список, а она што се однесува на другите институции, јас барем од позиција на министер за внатрешни работи за МВР можам да кажам дека сите податоци со кои ние располагаме му се ставени на располагање и дополнително доколку му е потребна било каква поддршка во насока на спроведување на оваа важна активност, целосно му стоиме на располагање се со цел активноста на прочистување на Избирачкиот список да се заврши колку што е можно побрзо и да се спроведе на начин во кој сите општествени чинители ќе имаат доверба, истакна Јанкулоска.
Ако претседателот на ДИК не знае од каде да почне, порача Јанкулоска, да почне од последниот Избирачки список кој тој го потпиша и според кој се одржаа локалните избори.