Собраниска делегација на Интерпарламентарната унија во Женева

Од:

Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од потпретседателот Јани Макрадули учествува на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува во Женева, Швајцарија.

На Собранието присуствуваат 1.260 делегати од 134 земји, меѓу кои 44 претседатели и 40 потпретседатели на парламенти, а во македонската делегација се и пратениците Силвана Бонева, Неџати Јакупи, Имер Алиу, Горан Мисовски и Рејхан Дурмиши.

Пратеничката Бонева, информираат од собраниската прес-служба вчера учествуваше на панел-дискусија на тема „Кон развој што е отпорен на ризици, земајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања“, чии воведничари беа Маргарета Валсторм, специјален претставник на генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи и Марлин Темерман, директор за репродуктивно здравје и истражување во Светската здравствена организација.

Во дискусијата Бонева нагласи дека Република Македонија, инспирирана од општата идеја која произлегува од Рамката за акција од Хјого, се залага и активно работи на градење на капацитети и ја промовира агендата за намалување на ризиците од катастрофи на локално, национално, регионално и глобално ниво.

– Во 2010 и 2011 година, Република Македонија претседаваше со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, со што беше даден значаен придонес кон регионалните и глобалните напори за градење на побезбеден свет и обезбедување на развој отпорен на ризици, рече Бонева.

Во врска со демографските трендови истакна дека Република Македонија води посебна социјална политика, со цел да се запре стареењето на населението и да се поттикне раст на наталитетот.

– Имплементирани се повеќе стимулациски мерки поврзани со популацискиот развој, како што се, на пример, постојаниот паричен надоместок за трето дете, пензии за мајки кои одгледале четири деца, бесплатно основно и средно образование, бесплатни учебници,…, посочи Бонева.

Таа се осврна и на „одливот на мозоци“, што е резултат на побарувачката за високообразовани кадри од одредени профили во развиените европски и северноамерикански држави.

– За надминување на овој проблем е изготвена „Национална стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар 2013-2020“, а Владата на Република Македонија во своите редови има четири министри кои се вратени од македонската дијаспора од САД и другите развиени земји. Со ова се испраќа порака до иселениците дека и во сопствената земја можат да ги реализираат своите интелектуални и животни предизвици, потенцира Бонева.

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски