Групата од околу сто експерти ќе мораат да останат во Сирија една година за да го надгледуваат уништувањето на хемиското оружје во рамките на мисијата која е опасна без преседан, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Тој во извештајот за Советот за безбедност на ОН наведува дека инспекторите, како и цивилите се во опасност од 1.000 тони хемиски супстанци од сирискиот арсенал.
– Тоа оружје е опасно за ракување, транспорт и опасно за уништување. Моите два приоритети се: уништување на сириското хемиско оружје и безбедноста на членовите на мисијата, кои доброволно се пријавија за извршување на таа важна, но опасна задача, посочи Бан.
Меѓународните експерти во Сирија во првиот ден од кампањата за отстранување на сирисиот хемиски арсенал ги уништија боевите глави, хемиските бомби и опремата за мешање и полнење.