Груевски се сретна со Линкевичиус и со Корлацеан

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Литванија и претседавач со Советот на ЕУ, Линас Линкевичиус, како и со министерот за надворешни работи на Романија и претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Титус Корлацеан.

Соговорниците на средбата, соопшти владината прес-служба, се осврнаа на теми од областа на европските и евроатлански интеграции на Република Македонија и економскиот развој на државата и регионот.

Премиерот Груевски истакнал дека стратешка определба на државата е членството во Европската Унија и во НАТО при што се заблагодари на принципиелната поддршка која Литванија и Романија ја даваат на македонските европски и евроатлански интеграции.

Груевски посочил дека Република Македонија досега доби четири позитивни извештаи за напредокот од Европската Комисија и четири пати доби препорака за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија. Тој додал дека Република Македонија успешно го спроведе и Претпристапниот дијалог на високо ниво помеѓу РМ и ЕУ, за што сведочи и последниот извештај на ЕК за текот на дијалогот и позитивните констатации за напредок за точките кои беа предмет на процесот.

Токму ваквите резултати, како и силната посветеност се аргументи за донесување на позитивна одлука од страна на Советот на ЕУ за започнување на пристапни преговори со Македонија, истакнал премиерот Груевски.

Тој истакнал дека единственото отворено  прашање кое ги попречува интеграциите, е спорот за името со Грција нешто на кое Република Македонија настапува со свои иницијативи во рамките на разговорите кои се одвиваат под покровителството на Организацијата на Обединетите нации. Премиерот Груевски порачал дека е исправно и рационално овие постигнувања и реформи да бидат вреднувани и почитувани од страна на Европската Унија.

Премиерот Груевски соговорниците ги запознал и со реформите кои се спроведуваат а  чија цел е постигнување на економски раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните, особено во насока на менаџирање на последиците од негативните економски текови во Европа.

Министрите за надворешни работи на Република Литванија и Република Романија го изразиле своето задоволство од посетата и гостопримството во Република Македонија како и можноста непосредно да се запознаат со реформите и процесот на евроатланските интеграции на Република Македонија.

Линкевичиус  ја истакнал својата поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија изразувајќи надеж дека напорите и реформите кои државата ги превзема ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани. Тој изразил волја за промоција на особеностите на државата и подготвеност за негов личен придонес во областите кои се од интерес на Република Македонија. Корлацеан изразил надеж за поинтензивна соработка на земјите во Југоисточна Европа гледајќи на Македонија како партнер чија активност е неопходна за стабилноста и развојот на регионот.

Соговорниците се согласија дека добрите политички односи кои постојат помеѓу државите треба да се интензивираат и развиваат на секое ниво, преку промоција на заедничките сфери на интерес кои ќе донесат напредок на взаемните односи меѓу државите, стои во соопштението од владината прес-служба.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Засега нема македонски државјани што побарале помош или евакуација од Либан

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

На бугарскиот амбасадор Желјаско Радов му била укажано за отстапувањето од договорениот протокол

Предраг Петровиќ

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Македонската амбасадорка во Софија повикана во бугарското МНР поради изјавите на вицепремиерот Николоски