Надзорна расправа „Користење на фондовите од инструментот за пристапна помош – ИПА во РМ“

Од:

Собраниската Комисија за европски прашања денеска го одржува третото продолжение на надзорната расправа „Користење на фондовите од инструментот за пристапна помош – ИПА во Република Македонија“.

На седницата во својот исказ пред членовите на Комисијата, министерот за правда Блерим Беџети рече дека Министерството за правда уште од самото воспоставување на овој инструмент од страна на Европската комисија во 2007 година искористува средства за имплементација на проекти значајни во реформата на судскиот систем.

– Во периодот од 2007 до 2013 година подготвени се 15 проекти во вкупен износ од околу 16.885.386 евра. Од овој износ околу 10.836.866 евра или 64,17 отсто се наменети за услуги, а 6.048.520 евра или 35,80 отсто за набавка на опрема. Од средствата наменети за услуги во вкупен износ од 10.836.866 евра досега се искористени 5.556.741 евра или  51 отсто. Остануваат во наредниот период да се искористат уште 5.280.125 евра, истакна Беџети.

Досега, посочи министерот, успешно се завршени пет проекти во областа на правосудството, од кои во рамки на ИПА Програмата за 2007 година се реализирани два проекти: Рамковен договор “Анализа на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството”; и Договор за услуги “Поддршка за поефикасно, ефективно и модерно работење и  функционирање на Управниот суд”.

– Во рамки на ИПА Програмата за 2008 година се реализирани два проекти во правосудството:„Понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Академијата за судии и јавни обвинители“ и Грант на УНИЦЕФ  за спроведување на реформите за малолетничка правда“. Во рамки на ИПА Програмата 2009 предвидени се три проекти за поддршка на реформата на кривично правниот систем со акцент на потребите за ефикасна имплементација на новиот Закон за кривична постапка. Од нив досега е реализиран Проектот за проценка на потребите и изработка на техничка спецификација за набавка на Интегриран ИТ систем за Јавно обвинителство и опрема за аудио-визуелно сослушување за истражните центри, рече Беџети.

Појасни дека вториот проект во рамки на ИПА 2009 почна со реализација и е наменет за поддршка во развивање на процедурите за Јавно обвинителство согласно новите надлежности со ЗКП, како и спроведување обуки за судиите, јавните обвинители и останатата стручна фела, а третиот проект се очекува да започне во ноември со кој првпат ќе се обезбеди софистицирана опрема за јавното обвинителство, а со цел да се воспостави Интегриран ИТ систем, кој ќе овозможи електронско управување со предметите и аудио-визуелно снимање на сослушувањата на сведоците и обвинетите.

Дополнително, како што нагласи Беџети, во рамки на ИПА Програмата за 2009 година отпочнат е Проект за „Градење на капацитетите на институциите за спроведување на законот за соодветн третман на притворени и осудени лица“. Тој проект го имплементира Советот на Европа во вид на директен грант.

Косана Николиќ-Мазнева од ВМРО-ДПМНЕ го праша министерот Беџети кој проект е завршен успешно од страна на Министерството и колкави средства за тоа се потрошени, на што тој рече дека ќе одговори писмено.

Вториот поканет сведок Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка, во исказот рече дека таа општина изминатиот период ги користела ИПА фондовите и тоа преку проектот за развој на локалната самоуправа (преку кој се реализира проект за обнова на четири училишни згради со вкупна вредност од 535.744 евра) и преку пограничната соработка (преку кој се реализирани проектите „Под едно небо“ во вредност од 296.594 евра, и „Ставање на културното наследство во функција на создавање поволни услови за одржлив развој на прекуграничниот регион Крива Паланка и Дупница“).

– Резултатите од проектот се асфалтирање пат во должина од еден километар и пробиен пат во должина од 980 метри кон испосницата на „Свети Јоаким Осоговски“ во село Градец. Резултатите од проектот „Културно наследство мост кон заедничка иднина“ со вкупен буџет 286.776 евра, се формира и опремен Центар за културно-историско наследство во Крива Паланка, оформен е соодветен изложбен простор за поставување на првата археолошка поставка во Музејот во општина Крива Паланка итн., посочи Алексовски.

Нагласи дека третиот проект „Туризам без граници“ го оствариле заедно со општините Штип и Ќустендил, а проектот „Велосипедски патеки за граѓаните и посетителите на Ќустендил и Крива Паланка“ ќе биде промовиран утре.

Милорад Додевски од ВМРО-ДПМНЕ го праша Алексовски со какви проблеми се соочуваат при реализирање и аплицирање на проектите. Тој одговори дека кога ја презел градоначалничката функција се соочиле со проблем во финансирањето на проектите поради затекнат долг на општината.

– Временскиот период на плаќање и до враќањето на парите претставува проблем не само за мојата општина, туку и за општините слични како нас. Преку ЗЕЛС интервениравме во овој дел и во тек е формирање еден вид банка или фонд од кој општините би можеле да се позајмат парите и да го искористат периодот од месец до три месеци да ги реализираат, и потоа кога ќе им бидат вратени средствата од страна на Европската комисија веднаш да ги вратат во банката односно фондот, додаде Алексоски.

Градоначалникот на Струмица Зоран Заев во својот исказ рече дека таа општина досега има добиено грантови во вкупна вредност од 12.108.722 евра, износ кој е дополнет со 1.693.722 евра кои се од буџетот на општината. Посочи дека тоа се проекти кои се завршени или се во фаза на имплементација и нивно завршување.

– Оваа сума најмногу се должи на големиот проект Компонента 4, а тоа е изградбата на прочистителна станица. Се работи и за други проекти како што се оние за културна соработка со соседни општини од Бугарија и од Грција, за вработување на високо образовани невработени кадри со Институтот за применета технологија и соработката со општина Кукуш од грчка страна, проект за реконструкција на училишта итн., додаде Заев.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ го праша Заев колку луѓе се задолжени да ги водат проектите за прекугранична соработка и дали тоа е нивната основна работна задача, на што тој одговори дека се работи за Центар за економски развој во општината каде има 14 млади високо образовани стручни луѓе.

На расправата свои искази дадоа и градоначалници на други општини во Македонија.

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија