Почесните конзули на Македонија во странство кои од вчера престојуваат во земјава, денеска ќе имаат работен состанок со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
На состанокот, како што соопшти МНР, покрај анализа на досегашната работа, ќе бидат утврдени и приоритетите за идно делување.
Почесните конзули утре во Охрид ќе имаат работна средба со највисоките владини претставници од наведените сфери. Средбата е во функција на сеопфатно информирање за приоритетите на Владата, како и заложбите за привлекување странски инвестиции, промоција на извозот и презентирање на туристичките потенцијали на Република Македонија.
За време на посетата на Македонија, конзулите ќе остварат средби и со градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Битола Владимир Талески и на Охрид Никола Бакрачески. На разговорите ќе бидат презентирани економските, културните и туристички потенцијали на овие центри.
По повод доаѓањето на конзулите, претседателот Ѓорѓе Иванов вчера организираше прием во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, додека градоначаникот Трајановски им овозможи прошетка и разгледување на Скопје.
Почесните конзули ќе престојуваат во Македонија до 10 октомври.