Хрватскиот сабор денеска ги усвои измените во Законот за судска соработка со земјите-членки на ЕУ, кој предизвика жестоки полемики во Хрватска и закани за воведување санкции од страна на Унијата.
„За“ измените на Законот гласаа 83 пратеници, 28 се изјаснија „против“, а осуммина беа „воздржани“.
Хрватска го усвои овој Закон непосредно пред нејзиното официјално членство во ЕУ на 1 јули оваа година. Во него спроведувањето на европските обврски за апсење беше ограничено само за случаи на злосторства извршени по 2002 година. Со таквиот закон од екстрадирање и судски гонење всушност беа заштитени обвинетите за извршени злосторства за време на војните во поранешна Југославија во 90-тите години на минатиот век, како и во периодот на СФРЈ.
Со денеска усвоените измени отстрането е ограничувањето за спроведување на европските обврски, но не веднаш, како што бараше опозицијата, туку од 1 јануари 2014 година.