СДСМ според информации на А1 на утрешната седница на Советот на општина Струга ќе гласа против предлогот Абдула Ќазимоски да биде избран за претседател на советот. Иако двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори настапија како „Сојуз за Струга“ со заедничка листа на советници и заеднички кандидат за градоначалник, има неофицијални информациите дека ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ ќе го подржи предлогот на градоначалникот Села и ќе гласа за Ќазимоски.
Сепак ниту од двете партии А1 не доби потврден одговор. Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето на А1 дали ќе гласаат за новиот претседател на струшките социјалдемократи.
Даме Ложанкоски пред неколку дена веднаш после изборот кратко одговори дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се две различни партии. Доброупатените во локалните случувања во Струга коментираат дека евентуалното различно гласање по однос на ова прашање автоматски ќе значи и крај на коалицијата помеѓу двете партии во Струга.
Ако една од партиите на Македонците во Струга се одлучи да гласа за предлогот на ДПА, тоа ќе биде спротивно од претходните нивни изјави дека претседател на советот мора да биде Македонец.
-Ниту можат да се занемарат 15.500 гласови кои беа дадени за оваа коалиција,ниту пак може да се занемари 40% удел што оваа коалиција го има во струшкиот совет. Место за разговори и преговори може да има,но не и за местото претседател на совет. Тоа треба и мора да и припадне на коалицијата „Заедно за Струга”.
Најсилниот политички субјект не смее да биде игнориран во Советот на Струга и во општината воопшто, особено затоа што тоа ќе значи дискриминација по етничка основа и ќе биде во спротивност со рамковниот договор“ стоеше во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ испратено до медиумите на 28.05.2013.
Одлуката нема да биде така едноставна затоа што во локалната администрација во Струга, Села смести неколкумина членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Македонските партии добија и директорски места во некои од училиштата во градот, како и заменички места во општинските јавни претпријатија. Неофицијално онаа партија која ќе даде подршка за предлогот на ДПА може да добие и шеф на кабинет кај градоначалникот и командир на пожарната во Струга.
Она што официјално се знае е дека против предлогот ќе гласаат советниците на ДУИ. Не треба да претставува изненадување ако одлуките бидат променети утре непосредно пред самиот почеток на седницата на градскиот совет.
Мики Трајковски