Македонската опера ќе ја отвори сезоната 2013/2014 в сабота, 5 октомври, со концертот „Ова е Вагнер“ со кој ќе одбележи 200 години од раѓањето на германскиот композитор Рихард Вагнер (1813-1883).
Солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Благица Поп Томова, Борис Трајанов, Игор Дурловски и Ѓорѓи Цуцковски ќе изведат арии, увертири и хорски делници од четири опери на Вагнер: „Мајстори пејачи од Нирнберг“; „Танхојзер“, „Парсифал“ и „Залезот на боговите“ (четвртиот дел од тетралогијата „Прстенот на Нибелунзите“). Хорот и Оркестарот на МОБ ќе ги води диригентот Оливер Балабурски.
Генералниот директор на Македонската опера и балет Дејан Прошев денескана прес-конференција рече дека концертот ќе биде увертира за македонската публика да се навикне на стилот на овој композитор и да биде подготвена кога Операта во иднина ќе постави цела опера на Вагнер.
Диригентот Оливер Балабурски посочи дека идејата е од поодамна, подвлекувајќи дека Вагнер е не многу често изведуван во светот, освен во Германија и во поголеми оперски куќи и од големи оркестри. Тоа се должи на неговата комплексност од оркестрациски и логистички аспект.
– Поради тие карактеристики Вагнер е релативно ретко изведуван автор кој бара сериозен ангажман и подготовка зад сцената. МОБ е се позрела да навлезе во вакви води и ова е добар начин Рихард Вагнер да и се претстави на публиката. Вагнер е еден од најголемите романтичари, но со некои дела навлегува во 20 век и е претходник на новата генерација композитори. Наметнува нов хармонски јазик, а неговата музика им овозможува на ансамблите да го дадат маскусмумот, истакна Балабурски, кој за себе рече дека е подготвен и зрел за композитор каков што е Вагнер.
Игор Дурловски досега трипати во Германија толкувал улоги во дела од Вагнер. Ова лето настапил во „Кралот на самовилите“ на фестивалот во Бајројт, кој е посветен на оперите на Вагнер и основан од самиот композитор. Македонскиот бас е среќен што четвртиот настап ќе го има во МОБ и се надева дека Операта наскоро ќе постави и цела опера од Вагнер.
– Нема пејач што се занимава со оваа уметност кој не посакал во животот да изведе улога од Вагнер на сцената, рече Дурловски.
Сопранистката Благица Поп Томова, која покрај Дурловски беше на прес-конференцијата во МОБ, рече дека и е предизвик да пее опера од Вагнер. Очекува на публиката да и се допадне концертот, на кој таа ќе изведе арија од операта „Танхојзер“.
Двесте години од раѓањето на Вагнер годинава се одбележуваат низ светските оперски сцени, а Македонската опера и балет се придружува кон глобалното чествување. Тоа го практикува и за други автори, па така во март годинава Операта прослави и два века од раѓањето на Џузепе Верди, со премиера на „Атила“. За двајцата мајстори на операта МОБ на 19 октомври ќе организира и меѓународна конференција „Верди-Вагнер – Погледнете кон минатото за да зачекорите напред“.