Владата на Венецуела денеска ја осуди одлуката на Вашингтон да протера тројца венецуелски дипломати. Одлуката на Вашингтон уследи откако Каракас протера тројца американски дипломати под обвинение дека со опозицијата правеле заговор против Владата.
– Го осудуваме тоа протерување, се наведува во соопштението од претседателот Николас Мадуро, во кое се потврдува дека шефот на венецуелската мисија Калисто Ортега и уште двајца дипломати се протерани од САД.
Во соопштението се истакнува дека протерувањето на венецуелските дипломати не може да се смета за реципрочна мерка бидејќи тие не се здружиле со групи кои се против претседателот Барак Обама.
Мадуро пред два дена нареди висок американски дипломат и уште двајца службеници од Амбасадата на САД во Каракас да ја напуштат земјата, откако ги обвини дека заедно со опозицијата правеле планови против Владата.
Американскиот Стејт департмент синоќа соопшти дека венецуелските дипломати имаат 48 часа да ги напуштат САД.