За власта предложениот Закон за прекршоци ќе воведе ред и дисциплина, додека за опозицијата претставува можност за зголемување на рекетот кон граѓаните и фирмите во пресрет на претседателските избори.
Опозициската СДСМ нема да го поддржи гласањето на овој Закон, бидејќи според нив предвидува двојно, па и тројно зголемување на глобите, во услови кога во Македонија има висока стапка на невработеност, а голем број фирми се затвораат поради превисоките казни кои ги наметува власта.
Пратеничката на социјалдемократите Весна Бендевска, истакна дека ВМРО – ДПМНЕ ќе гласа закон кој за нив не е лош, бидејќи доаѓаат избори. Како што вели Бендевска, режимот на Груевски е колабиран и ќе мора да се одржува во живо преку закани и уцени кон граѓаните.
– Пакетот закони кој го предлага Министерството за правда, инспекторите ќе бидат уценети од Инспекцискиот совет и на секој граѓанин ќе мора да му узречат казна, која ќе изнесува двојно повеќе пари. Можната казна која ќе ја изрече било кој инспекциски орган изнесува од 15 до 2.000 евра. Досега максимално предвидената казна изнесува 1000 евра, а сега 2.000 евра. На одговорно лице на правен субјект досегашната казна од 2000 евра се предвидува да се зголеми за нови 1000 евра. Се разбира, со можност истиот инспекциски орган ако одлучи дека се работи за посериозн прекршок, максималната казна казна да ја зголеми 20 пати и да изнесува повеќе од 20 илјади евра. Оваа веќе не е глоба, туку класичен данок во крв – истакна Бендевска.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ го бранеше предложениот закон со аргументите дека тој е појасен и попрецизен од важечикот и оди во насока на успешно спроведување на прекршочнаа постапка. Исто така, дека со него ќе се постигне целта за позитивно делување на сторителите на прекршок за превентивно и ресоцијализирачко однесување во општеството.
Пратеникот од редовите на СДСМ Горан Мисовски го спореди предложениот закон со казнетата политика која се применувала во времето на Слободан Милошевиќ, при што му реплицираше Малиша Станковиќ велејќи дека СДСМ предложила измени на постоечкиот закон пред повеќе од една година, а денес кога во Собранието се води расправа за предложениот закон, социјалдемократите не сакаат да го поддржат.
– Предложете амандмани, може ќе бидат прифатени од сите пратеници – му одговори Станковиќ.
На неговата реплика, Мисовски возврати дека СДСМ предлагала пониски прекршочни казни за 30%, а ВМРО – ДПМНЕ сака да ги зголеми многукратно.
Според член 16 од предложениот закон, рокот за плаќање на глобата не може да биде пократок од осум дена, а подолг од триесет дена од денот на правосилноста на одлуката. Во оправдани случаи кога сторителот нема доволно имот, не е вработен или боледува од некоја болест, може да се дозволи глобата да се исплати во рати. Во тој случај, начинот на плаќањето и рокот на плаќањето не може да биде подолг од шест месеци. Ако сторителот делумно или целосно не ја плати глобата во утврдениот рок, ќе се спроведе присилно извршување согласно со одредбите од Законот за даночна постапка.
Петар Клинчарски