Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува учениците и нивните родители да го користат упатството што е доставено пред две недели во училиштата, кое треба да ги заштити најмладите од предизвиците на интернет.
По повод Денот на побезбеден интернет, што кај нас се одбележа првпат денеска во ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче, министерот рече дека упатството било споделено со сите училиштата и доставено до МОН и Педагошката служба. Тоа има два дела, од кој вториот е наменет за родителите, и е достапно за секој што е заинтересиран на веб-страницата и фејсбук-профилите на министерството.
-Тоа јасно објаснува кои ресурси можат и треба да ги користат училиштата, во разговор со учениците, и кое однесување треба да го имаат. Вториот дел на тоа упатство се предлози на апликации кои родителите може да ги искористат за да забранат одредени страници или содржини за нивните деца на нивните мобилни телефони, мобилни уреди, смарт-уредите и на телевизорите дома. Се надевам дека ќе го користат. Ставивме и некои теми коишто сметам дека се важни да се обработуваат на одделенски или на класен час, така што мислам дека во тој дел ќе помогне, изјави Андоновски при посетата на ОУ „Димитар Македонски“.
На прашањето дали има повратна информација дека препорачаните апликации од упатството веќе се користат, министерот одговори дека тоа не обврска на училиштата туку, како што рече, „домашна задача за родителите“.
-Од секој родител зависи како неговото дете се однесува. Тоа е процес на домашно воспитување, на здрави навики и навики на однесување. Ние апелираме на свеста кај родителите да ги искористат овие апликации кои ние им ги нудиме како ресурс. Доколку имаат потреба од дополнително објаснување, исто така стоиме на располагање – и на училиштата, и на родителите. Но, не смееме да заборавиме дека ова е првенствено задача на семејствата и на родителите, истакна Андоновски.
Прашан дали се разгледува забрана на платформата ТикТок, на која најнов опасен предизвик за децата е „парацетамол“, и откако во таа насока размислува премиерот на Албанија, Андоновски одговори дека кон забрана ќе се пристапи доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“.
-Рама размислуваше и пред еден месец, па се повлече од тоа размислување. Тоа ад хок однесување прави повеќе штета отколку напредок во функционирањето на државите. Ние имаме малку поразличен пристап, како што видовте со онлајн игрите на среќа. Кога е забележано дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана, рече Андоновски.
Во училиштата во општина Аеродром од скоро не е дозволено употреба на мобилните телефони за време на наставата, соопшти в.д. градоначалникот Дејан Митески, кој заедно со министерот Андоновски присуствуваше на првото одбележување на Денот на побезбеден интернет (Safer Internet Day) што се одржа во ОУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче.
-Минатата недела Советот донесе препорака до советите на училиштата и тие ги прифатија препораките, и во сите училишта во Општина Аеродром е забрането користење на мобилни телефони за време на настава, рече Митески.
Учениците од ОУ „Димитар Макеоднски“ на музичко-ликовен настан ги промовираа придобивките на Интернетот и предупредија на неговите опасности. Целта е да се поткрене свеста на младите, особено на учениците, за важноста од безбедно користење на интернетот, модерните алатки и социјалните медиуми.
-Се надевам дека со ова ќе поттикнеме нов начин на размислување кај децата, но пред се кај родителите, имајќи предвид дека нашата обврска е да ги заштитиме децата од користење небезбеден интернет. Тој е секојдневие и неизбежност, но мора да го користиме во правилна насока, додаде в.д. градоначалникот на Аеродром.