Претседателот на Српска листа, Златан Елек, гласаше во Основното училиште „Свети Сава“ во Северна Митровица.
Сите избирачки места во тоа училиште се отворени утринава во седум, а таму се запишани најмногу гласачи во Северна Митровица. Во општина Северна Митровица запишани се 18.781 гласач кои ќе гласаат во шест избирачки центри со 24 избирачки места.
Србите раселени од Косово, од сите 17 белградски општини, тргнаа кон Косово за да го остварат своето право на глас на парламентарните избори. Како што велат, главниот мотив за нивното учество на изборите е да им дадат поддршка на сонародниците во нивната борба за опстанок на тие простори, за да можат да останат „во своето право“.
Повеќето Срби кои заминаа на Косово веруваат дека со гласањето за Српска листа ќе придонесат за подобрување на положбата на српскиот народ во тој регион.
Нада Маријановиќ од Белград, по потекло од Звечан, каде што порасна, вели дека ќе гласа бидејќи „го сака своето Косово“.
„Се надевам дека ќе добиеме се што ни треба. Ја следам ситуацијата и има некои придобивки кои ни ветуваат. Ситуацијата треба да се реши“, се надева оваа жена.
Таа смета дека Српска листа ќе освои десет пратенички мандати, што, како што вели, ќе донесе просперитет за нејзините сонародници.
„Моите се сите долу во Звечан и Митровица и не сакаат да одат. Одам долу. Не сум бил таму некое време, поради оваа ситуација, но најмногу го посетувам моето Косово“, додава Маријановиќ.