Македонскиот вицешампион Металург вечерва победи на гостувањето кај Борац во Бања Лука со 26:22 (полувреме 13:13). Овој дуел беше од 4.коло во регионалната СЕХА лигата.
Составот што го изведе тренерот Лино Червар на овој натпревар беше значително различен од оној што играше против ПСЖ во Лигата на шампионите. Но, и покрај тоа што Металург настапи со вториот тим без стандардните Дарко Станиќ, Павел Атман, Ренато Вугринец, Ванчо Димовски, Ацо Јоноски, Велко Марковски, Наумче Мојсовски и Златко Мојсовски, домаќините не успеаја да му се спротистават на фаворитот за највисок пласман во ова натпреварување.
Најефикасен во македонската екипа беше Дејан Пецаковски со 9 погодоци, а по 6 голови постигнаа Дејан Манасков и Никола Кеџо.
На голот на Металург по 10 одбрани забележаа Никола Митровски и Раде Мијатовиќ.
За последно пласираниот тим на табелата Срџан Тривунџа реализира 6 погодоци.
Утре во рамките од 4.коло вториот македонски претставник во СЕХА, тимот на Вардар е домаќин на Татран Прешов.
Табела: Загреб КО 9 бодови, Вардар 7, Металург 7, Татран Прешов 6, Нексе 6, Војводина 6, Мешков Брест 3, Ловќен 3, Партизан 3, Борац 0.