Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп им наложи на своите соработници да договорат телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во деновите откако ќе положи заклетва, со цел да се закаже директна средба во следните месеци со цел да се стави крај на војната во Украина, известува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани извори.
Изворите рекоа дека претставници на тимот за национална безбедност на Трамп почнале да работат на закажување телефонски разговор меѓу Трамп и Путин пред неколку недели. Телевизиската мрежа наведува дека не е познато дали веќе е одреден датумот за телефонски разговор.
Инаку, инаугурацијата ќе се одржи денеска, 20 јануари, кога Трамп и официјално ќе ја преземе функцијата претседател на САД и ќе се пресели во Белата куќа, додека прославата е веќе започната.