Предизвиците со кои се соочуваат земјите-аспиранти за членство во НАТО се од политичка природа, изјави за МИА, командантот на Командата на здружените сили на Алијансата во Неапол, адмирал Брус Клинган, кој денеска во рамки на дводневната официјална посета на Македонија, имаше средба со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и со министерот за одбрана Талат Џафери.
– Во тој поглед, мислам дека како што тој политички процес се движи напред, и воените сили на Македонија, на Република Македонија, на поранешна Југословенска Република Македонија, бидејќи знаеме дека тоа е главното прашање, треба да продолжат со учеството за заедничките напори во одговор на безбедносните предизвици. Од таа гледна точка, имаме многу способен партнер од кој сме воодушевени да работиме заедно во соочување со тешките предизвици, рече командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол.
За МИА, адмиралот Брус Клинган потенцира дека би сакал тоа партнерство да продолжи и, како што подвлече, да му се дозволи на политичкиот процес да ги реши прашањата на соодветен начин.
– Воената соработка што ја имаме и која постојано ја унапредуваме може да се движи напред независно од тие политички предизвици и процеси, оцени командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Брус Клинган.