Русија утрово изврши масовен напад врз Украина со крстосувачки ракети и беспилотни летала. Прогласена е закана од воздушен напад низ целата земја. Силни експлозии се слушнаа во Харков, вториот по големина град во Украина со еден милион жители, како и во неколку региони на западот на земјата.
Нападот го извршија стратешки бомбардери кои полетаа од Русија, а беа лансирани и крстосувачки ракети од воени бродови во Црното Море, воени авиони МиГ-31К, додека балистички проектили беа истрелани од копнени фрлачи во рускиот регион Белгород.
Цели на нападите се украински хидроцентрали и друга инфраструктура во западниот дел на земјата, соопштија украинските власти. Полска крена борбени авиони како одговор на нападот.
Засега нема извештаи за жртви или материјална штета, но во неколку украински региони е прекинато снабдувањето со електрична енергија.