Новак Ѓоковиќ од почетокот на годината е во Австралија каде се подготвува за Австралија опен и стартот на новата тениска сезона. Од неговото доаѓање, тој има дадено голем број интервјуа, од кои едно за магазинот GQ. Во него тој се потсетува за 2021 година и периодот што го помина во имиграциски центар за време на пандемијата на коронавирус, кога беше сместен таму пред да биде депортиран од земјата затоа што не беше вакциниран.
Српскиот тенисер го шокираше светот кога изјави дека е убеден дека некој намерно го отрул додека бил во имиграциски центар. „Ми се слоши прилично. Кога поминаа неколку дена откако обичен вирус толку силно ме распадна, медицински тим дојде во мојот стан да ме провери“, рече Ѓоковиќ, додавајќи:
„Имаше неколку прегледи, а како дел од нив направивме и токсикологија. По враќањето дома сфатив дека сум отруен од храна во тој хотел во Мелбурн. Ова никому не го кажав јавно, но кога се вратив во Србија Открив високо ниво на тешки метали, имав високо ниво на олово и жива.
Новинарот потоа го прашал дали после тоа решил да се вакцинира. „Не, не! Не мислев дека ми треба вакцината. Јас сум здрава личност, се грижам за моето тело и здравствени потреби, јас сум професионален спортист и затоа внимавам што јадам, јас редовно правам разни тестови, крв, се..“, одговори српскиот тенисер и додаде:
„Знам точно што се случува, така што не почувствував потреба да се вакцинирам. А важно е да кажам дека знаев дека не сум опасност за никого. Затоа што не бев. Затоа што имав антитела. ” Австралиското Министерство за внатрешни работи, контактирано за тврдењата на Ѓоковиќ, кратко рече дека „од безбедносни причини не можат да коментираат поединечни случаи“, пишува GQ.