Подготовките и првичните активности поврзани со снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески, според најавите, треба да почнат во текот на оваа година.
Конкурсот во врска со снимањето ќе биде објавен од Македонската радио-телевизија, а станува збор за проект којшто треба да се реализира во рок од две години.
Во проектот ќе бидат вклучени повеќе копродуценти, а министерот за култура и туризам Зоран Љутков се надева дека ќе има копродуценти речиси од сите национални телевизии на Балканот, бидејќи постои многу голема заинтересираност.
– Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти речиси сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, изјави неодамна Љутков на брифинг со новинарите.
Дополнително, се размислува и за музичко шоу за млади таленти кое што би го носело името на Тоше Проески.