Четворица дрвокрадци се приведени од велешката полиција поради напад на тројца шумски полицајци. Инцидентот се случил на земјен пат од езерото Младост кон селото Ветерско.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека нападот бил пријавен од Ф.Ј. (54), вработен во Шумската полиција – Велес.
„Додека тројцата шумски полицајци, меѓу кои и Б.К. и З.З., извршувале службени активности, затекнале лица кои вршеле бесправна сеча на дрва. Напаѓачите, предводени од Б.З. (36), физички ги нападнале службените лица. Б.З. користел остар предмет, нанесувајќи повреди на двајца полицајци, додека В.В. (18) се заканувал со вклучена моторна пила. Другите двајца напаѓачи, С.З. (57) и малолетникот, користеле дрвени предмети“, соопштија од полицијата.
Повредените полицајци биле пренесени во велешката болница, каде што им биле констатирани повреди. Напаѓачите, по нападот, се обиделе да избегаат со возило „Форд“ со велешки регистарски ознаки, но подоцна биле лоцирани и приведени од полицијата.
„Лицата С.З., Б.З. и В.В. се задржани во полициска станица, а возилото и предметите кои биле користени во нападот се пронајдени и одземени. За настанот е известен јавен обвинител, и по комплетно документирање на случајот ќе следуваат соодветни кривични пријави“, додаваат од МВР.