Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговите обиди да посредува меѓу Украина и Русија, велејќи дека Орбан нема вистинска моќ да влијае на рускиот претседател Владимир Путин.
Како ќе изврши притисок врз Путин? Со насмевка? Нека си ја задржи за себе – рече Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека Украина е силна земја, што го докажа и на бојното поле.
– Кој во Европа има такво искуство? Никој. Дали Орбан има војска што може да направи разлика? Како тогаш можеше да изврши притисок врз Путин? – праша Зеленски.
На оваа тензија се осврна и Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, кој го обвини Зеленски за недостиг на дипломатска култура.
– Зеленски стана груб кон Орбан. Ништо не е неочекувано од режимот во Киев, но таквите постапки уште еднаш ја покажуваат не само опасната и криминална природа на режимот, туку и неговата екстремна некултура – изјави Песков за ТАСС.
Песков, исто така, повтори дека Русија е подготвена за преговори, но Украина ја отфрла таа можност.
Бидејќи нема преговори, Русија продолжува со својата специјална воена операција додека не се постигнат сите цели – додаде тој.
Во исто време, Зеленски рече дека верува оти унгарскиот народ, за разлика од Орбан, ја поддржува Украина.
– Премиерот Орбан, кој сака „некако и некаде“ да постигне мир во Украина, нема да успее. Нема да дозволам тој или други како него да водат такви процеси – рече украинскиот претседател.
We will not respond to any provocation. There is a ceasefire proposal on the table. Take it or leave it. It’s your responsibility. https://t.co/TIQAs7M3Im
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) December 18, 2024
Тензиите меѓу Киев и Будимпешта дополнително се зголемија откако Орбан разговараше со Путин минатата недела. Орбан тогаш изјави дека предложил прекин на огнот и размена на воени заробеници за Божиќ, но, според него, Зеленски ја отфрлил идејата.
На последните изјави на Зеленски набрзо реагираше и самиот Орбан, кој на платформата Х рече: „Нема да одговараме на провокациите. Предлогот за прекин на огнот е на маса. Земете го или оставете го. Ваша одговорност е“.