Колку добро го познаваме нашето срце

Од:

Живееме во брзо, динамично и стресно време од една страна, а од друга страна имаме огромна количина на информации за нашето здравје, секако и за за нашето срце. Но, дали навистина имаме точен увид дали нашето срце и крвните садови се здрави и соодветни за нашата возраст или живееме со погрешни убедувања?

Опкружени сме со интензивна динамика од нашето секојдневие која ни ја наметнува реалноста и притоа живееме во одредени интервали, се релаксираме и спортуваме за време на викендите и празниците, додека во текот на неделата сме помалку или повеќе во грч, па некако се навикнуваме на тој стрес и замор и ги игнорираме суптилните знаци кои ни ги испраќа нашето тело, пред се нашето срце. Така заморот или краткиот здив кога треба побрзо да одиме или да потрчаме, забрзаната срцева работа, благите несвестици, нелагодноста или притисокот во градите сметаме дека се занемарливи и чекаме да се решат самите од себе. Многу ретко го мериме крвниот притисок иако имаме апарат за мерење, не внимаваме дали внесуваме свежа храна во текот на денот, дали е нашата телесна тежина оптимална, колку внесуваме вода, колку часа трае нашиот сон…

Сето досега наведено, ако го анализираме може да ни даде добар правец за тоа дали нашето кардиоваскулaрно здравје е под помал или поголем ризик. На пример, доколку еден човек има покачен крвен притисок од прв стадиум (140/90 до160/95) и истиот не го лекува, неговиот ризик за компликации (срцев удар, срцева слабост, мозочeн удар, деменција…) се зголемува за 35% во споредба со луѓето кои немаат покачен крвен притисок и истиот се намалува доколку притисокот се нормализира. Ризиците растат кумулативно доколку пациентот е истовремено пушач, или има нарушена гликемија или шеќерна болест, болест на бубрезите, хронично автоимуно заболување како ревматоиден артритис, системски лупус, псоријаза, бидејќи во последно време многу докази утврдуваат врска помеѓу овие заболувања и заболувањата на крвните садови.

Да обрнам посебно внимание, последниот водич за покачен крвен притисок, го воведе крвниот притисок 130 – 140 за систолен и 80 – 90ммХГ за дијастолен како покачен крвен притисок, за разлика од досегашната класификација која вредностите до 140/90ммХГ го сметаше за висок нормален крвен притисок.
За да утврдиме дали нашето кардиоваскуларно здравје е под помал или поголем ризик, пред се, самите треба да бидеме опсерватори на нашето здравје, да знаеме какви прегледи треба да направиме според нашата возраст, но и да ги процениме симптомите кои треба да не упатат кај нашито кардиолог.

Така што доколку сме на возраст од над 40 години треба да направиме кардиолошки преглед, особено ако имаме покачен КП, за жените доколку се во менопауза, или имаме абнормалности во лабораторијата како покачени маснотии или гликемија, или имаме наследност во кардиоваскуларните болести. Не треба да чекаме тегобите да се интензивираат бидејќи нашето срце може да се адаптира на проблемот кој го оптоварува и временската експозиција да предивика оштетувања кои понатаму би биле постојани, па повеќе нема да можеме да го штитиме срцето туку само да го лекуваме, тогаш веќе немаме здраво срце чии ризици ги смалуваме, туку болно срце кое има намален капацитет. Тоа се состојби кога срцето има стеснети или запушени крвни садови, или структурата на срцевиот мускул е променета, има склоност кон аритмии, залистоците се оштетени и не функционираат.

Притоа, сакам особено да обрнам внимание дека и луѓето кои спортуваат, особено со поинтензивна динамика на пример трчаат над 30 километри неделно или учествуваат во полумаратони и маратони, триатлони, интензивен велосипедизам, иако се чувствуваат добро и немаат тегоби, треба особено да бидат внимателни бидејќи претераното оптоварување и неправилното вежбање, особено ако не почитува периодот на одмарање, може да нанесат повреда на срцевиот мускул, која лесно се докажува, но не секогаш е реверзибилна.

На последниот конгрес на европската кардиолошка група за ехокардиографија во Берлин, беа презентирани неколку студии кои точно ги прецизираат спортските повреди на срцето, кои може да се утврдат со помош на ехокардиографија и магнетна резонанца на срцето. Некои од нив се презентираат како абнормалности во ритамот, несвестици или замор, во најекстремниот случај и како ненадејна срцева смрт, додека некои се целосно асимптоматски. Утврдено е дека постојат генетски предиспозииции кои се уште не се знае дали се моногенски или се работи за повеќе гени кои ја создаваат оваа предиспозиција. Се повеќе се наметнува и примената на вештачката интелегенција во рано откривање на заболувања на срцето и крвните садови со интегрирање на различни параметри од основните и напредните кардиолошки испитувања со помош на кои современата кардиологија се стреми кон поголем успех во препознавање и лекување на срцевите заболувања.

Улогата на кардиолошкиот преглед со екг, ехо но и тест на оптоварување е од огромно значење бидејќи за време на стрес тестот можеме да утврдиме дали и кои абнормааности се појавуваат и зависно од тоа да утврдиме дали пациентот правилно тренира, прекумерно се оптоварува или има проблем (вроден или стекнат) кој се манифестира на напор. Истотака добро е да се направи и комплементарна лабораториска слика со параметри кои укажуваат на општо и кардиоваскуларното здравје кај спортистот со параметри кои би укажале на претренираност.

Еден навремен и прецизен кардиолошки преглед треба да содржи пред се информации за пациентот односно неговата историја и предиспозициите кон срцевите заболувања, потоа екг со т.н. ХРВ или heart rate variability која дава исклучително важни информации за врската на нашето срце со вегетативниот нервен систем , како и останати податоци кои укажуваат на можни оштетувања на срцето или неговите крвни садови. Потоа ехокардиографијата која ни дава структурен приказ на срцето и потенцијални оштетувања, коронарниот стрес тест и стрес ехокардиографијата. Тука би напоменала дека во својата ординација по интерна медицина и кардиологија Д-р Маја Шушлевска во Скопје многу често се повикувам на напредните методи во ехокардиографијата бидејќи ми помагаат во прецизната дијагностика на срцевите абнормалности. Неретко се случува да она што го гледам додека пациентот лежи за време на ехопрегледот, не го прикажува тоа што тој го има како проблем додека се движи (не толерира напор и поради тоа и се јавува на преглед), а потоа по тестот на оптоварување со тредмил трака или ерговелосипед, можам прецизно да констатирам дека срцето има проблем или успешно го совладува напорот.

Современата напредна ехокардиографија пак, која изработува графичка анализа на функцијата на поедини сегменти од срцето како левата или десната комора или левата преткомора пак од друга страна, помага во прецизно дефинирање на срцевиот проблем, дали на пример малфункцијата на срцевиот залисток е сериозна и бара хируршка корекција или пак е тривијална, дали долготрајниот покачен притисок предизвикал срцево слабеење, каква е склоноста на срцето кон аритмии, слабост, како и предиспозицијата кон оштетување на главните срцеви садови или неговата микроциркулација. Морам да истакнам дека овие математички калкулации имаат огромна додадена вредност и додаваат голем дијагностички потенцијал на базичната ехокардиографија како неинвазивна дијагностичка метода, со што пациентот може брзо и навремено да се насочи кон други дијагностички процедури како коронарографијата, компјутерско снимање или магнетната резонанца на срцето. Напредната ехокардиорафија и стрес ехокардиографијата се основни испитувања во многу центри европските држави како Велика Британија, Италија, Чешка како и САД и според својата прецизност се доближуваат до поскапите методи како перфузионата сцинтографија на миокардот кое претставува снимање со радиоизотопи.
Дел од здравствената култура е редовното следење препорачано од ординирачкиот лекар што обично значи еднаш годишно доколку пациентот има контролиран покачен крвен притисок или дијабет тип 2, обично два пати годишно доколку има срцева слабост или коронарна болест. Зависно од присутните ризик фактори и скорирањето според еуроскоре табелите пациентот се класифицира во одредена ризична група спрема која се одредува дали е потребно да се испита со тест на оптоварување, но лекарот кардиолог може да препорача ваков тест според сопствена прoценка врз основа на самиот преглед.

Важно е да се напомене дека многу од срцевите заболувања и предиспозиции кон нив можно е да се утврдат навремено, лесно и брзо со вие методи и со тоа да спречат несакани последици по нашето срце.

Д-р Маја Шушлевска Павковска
Супспецијалист кардиолог

www.kardiopuls.mk

Би можело да ве интересира

Костов: Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања, да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае

Во Англија пациентите на кардиологија чекаат повеќе од една година за лекување

Поцеста и Филиповиќ нови директори на Клиниките за кардиологија и дерматовенерологија

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска