Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети вечерва на собир пред Уставниот суд, каде што од вчера се организира т.н. „Стража на јазикот“, побара Судот да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување одредби во Законот за употреба на јазиците.
-На 11 декември, ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите 13 иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома. Нема да има мир ако не биде така… Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате… Ние сакаме мир, ние сакаме демократија, ние сакаме слобода. Ја сакаме за сите. Сакаме нашата земја да биде секогаш напредна и што е можно поблиску до Европската Унија, порача Ахмети на собирот каде што присуствуваа лидери на партиите кои се дел од коалицијата Европски фронт што ја предводи ДУИ.
Тој потврди дека ДУИ гласал за избор на судии во Уставниот суд, а двајца од нив, рече, се предлози на претседателот Ѓорге Иванов.
-И претседателот на Уставен е предлог на Иванов. И токму Иванов не го потпиша указот за Законот за албанскиот јазик, исто како што не го потпиша и указот за Преспанскиот договор. Но, за Преспанскиот се постигна договор да се затвори, додека Законот за албанскиот јазик остана отворено прашање и тие 13 иницијативи не беа отфрлени, рече Ахмети.
Во обраќањето пред насобрани партиски членови и симпатизери, лидерот на ДУИ му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски од кого, како што рече, очекувал да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик и во меѓународна употреба.
-Зошто ова не го направи, туку цело време, веќе седум години, се повикуваш дека Македонците имаат изгубено многу од владеењето со Албанците. Зошто г. Христијан, ти и многу други политичари и аналитичари во земјава ме обвинувате и мене и Албанците зошто дојде до војната во 2001 година? Војната престана со компромисот кој не ги задоволи страните. И ние сме незадоволни од компромисот, но компромисите се најдоброто решение, како за нас, така и за вас. Затоа почитувајте го Охридскиот рамковен договор и немојте да допирате во сржта на Албанците затоа што не е добро ниту за вас ниту за нас. Оваа држава е заедничка и не може да има само една страна којашто ќе доминира, рече Ахмети.
Му порача на претседателот на Владата дека не излегуваат за да бранат корупција и криминали затоа што и претходно повикувале на ветинг а сите.
-Да ги испитаме сите политички партии, да ги испитаме сите функционери, да испитаме целата приватизација како беше направена, ајде повелете. Немојте да го заморувате народот со тоа дека овие се корумпирани и се плашат од судовите. Нам око не ни трепнува за тоа, рече Ахмети на собирот пред Уставниот суд.