„Во светот, особено во развиените држави, веќе од поодамна е постигнат консензус дека концептот за одржлив развој, кој подеднакво води сметка за економската, социјалната и димензијата на животната средина, успешно се применува и во рударската индустрија“.
„Нови рудници не ни требаат, и со највисоки еколошки стандарди загадување повторно ќе има“.
Ова се два спротивставени концепти, првиот на државата кој промовира „еколошки рудници“, а вториот на екологистите кои велат дека најеколошки рудници се тие што не постојат, а двата концепта треба да најдат место во новата Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на миниралните суровини 2025-2045.
Всушност, „еколошки рудници“ или „еколошки стандарди“ не се ништо ново. Во многу држави за да оправдаат отворање на рудници се користи кампања која ги содржи зборовите „еко рудник“, „еко стандарди“, „рудници кои ја почитуваат животната средина“, односно наративот дека рудникот ќе носи богатство на задолство на цела држава и на локалните заедници и згора на тоа ќе биде чист, зелен и еколошки. Ова се кампањи или информации кои на Запад се нарекуваат „greenwashing“, или во превод еко-манипулација. Едноставно, двете работи на исто место и во исто време не може да постојат.
Македонија не треба да се претвори во колонија за суровини
Токму во овој стил од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од каде најавуваат отворање нови рудници велат дека денешното рударство не е она што го познаваме од минатото и дека рударските компании во нашата земја, пред сé оние поголемите кои најмногу се во фокусот на јавноста, вложувале во својата целокупна модернизација, бидејќи тоа било поврзано и со европските директиви кои од нив барале почитување на стандадите за заштита на животната средина, како услов за пласман на нивните производи.
„Во Македонија инаку за последните 40 години е отворен само еден нов рудник-Боров Дол кој всушност преставува површински коп и продолжување на векот на работа на Бучим за минимум 10 години каде се преработува бакарната руда.
Оттaму, доколку дојде до отворање на нови рудници, надлежните институции ќе вршат контрола дали се исполнуваат највисоките еколошки стандарди. Исто како што тоа се прави во компаниите од металуршката индустрија, кои во минатото важеа за големи загадувачи, а денес применуваат највисоки стандарди во своето работење, продолжувајќи да дават голем придонес во македонската економија. Што се однесува за отворање нови рудници, ќе се испитаат сите аспекти за можностите за рестатирање и отворање рудници, односно ќе се направи проценка колкав е бенефитот од тоа за државата, за локалната економија, водејќи сметка за влијанието врз животната средина, изјавија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Експлоатацијата на пририодните ресурси која се одвива ширум Македонија предизвика огорченост и протести кај локалното население но и бројни здруженија за заштита на животната средина. Отворање на нови и реактивирање на стари рудници ги загрозуваат основните човекови и еколошки права, а често ги кршат и законските прописи и процедури.
„Рудници и екологија се поими што се косат. Како екологисти, не можеме да бидеме среќни со отворање нови рудници, зашто тоа е тешка, најзагадувачка индустрија, особено рудниците за металични суровини. Во нашите барања за еколошки параметри во идната Стратегија за рударство, тргнуваме од два принципа: прво, секоја економска активност мора да тргнува од врвниот јавен интерес за квалитетен живот и заштита на животната средина; второ, Македонија има ограничена територија и нема простор за заштитни тампон зони од 500 км. Не случајно, најмногу рудници за метали имаат најголемите по територија, со големи ненаселени подрачја: Австралија, Кина, Русија, Канада, САД. Не може малите балкански државички да бидат нивна замена и да се претворат во колонија за суровини, за да може да се спроведе Актот за критични минерални суровини што ЕУ го донесе минатата година, со обврска за најмалку 10% производство и најмалку 40% преработка во европска земја. А самите ЕУ земји во моментов покриваат само незначителен дел од своите потреби од домашно производство и се 90% зависни од Кина. Не смее цената на нашиот прием во ЕУ, што сите го посакуваме, да биде еколошка штета.
Значи, пред да зборуваме за тоа КАКВИ УСЛОВИ ќе поставиме во Стратегијата за рударство и во Законот за минерални суровини за отворање рудници, треба да дефинираме ДАЛИ, КАДЕ и КАКВИ рудници БИ МОЖЕЛЕ да се отворат, тргнувајќи од реалноста на терен, изјави за А1он, Лилјана Поповска од „Зелен Институт“.
Точно 45 граѓански организации и институции од секторот животна средина, поднесоа барање до надлежните институции да се гарантираат еколошки параметри во Предлог Стратегијата за рударство 2025-2045, која е во фаза на усвојување. Тие го отфрлаат концептот на Македонија како рударска земја, на постоење на рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита, како што се Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица, на рудници на пет километри од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание; на обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, за кои тоа би значело дополнителни здравствени проблеми за жителите, со ново загадување на воздухот, водата и почвата како што е случајот со Пробиштип и Лојане.
„Целата рударска дејност ќе биде обработена во идната Стратегија за рударство што е во изработка, за која како екологисти бараме државата да гарантира еколошки параметри. Тоа значи да НЕ се инсистира на искористување и експлоатација на минерални суровини по секоја цена, особено НЕ да се промовира Македонија како „рударска земја“, како што се предлага во верзијата што ја имавме на увид. Зашто тоа би значело не само поништување на сите стратешки државни документи за заштита на животната средина, климатска акција, земјоделие и рурален развој, туризам, смарт технологии и друга лесна индустрија. Тоа би било и поништување на сите вложувања и веќе развиени бизниси и економски активности, втемелени врз овие приоритети. Потребно е да се донесат неколку важни закони, за просторно планирање и за води, да се донесе нов Просторен план на Македонија и ажурирани просторни планови по региони, но и да се подобри Законот за минерални суровини.
Тој има претрпено повеќе измени, напред-назад. Државата го менувала во интерес на концесионерите, а ние како екологисти, во заштита на животната средина и здравјето. Тој е клучен за спречување еколошки катастрофи. Првото сериозно подобрување беше во 2019, со изгласување на законските измени со забрана на цијаниди и сулфурна киселина во металични рудници со отворен коп, како и со обврската секое барање за нова концесија да содржи техничко-технолошки елаборат и финансиска гаранција за случај на еколошка хаварија. Овие законски измени ги напишав и ги поднесов цела година претходно, но и покрај поддршката од 10 колеги пратеници, 40-ина граѓански организации и пошироката јавност, одвај се обезбеди кворум и мнозинство. Но, тие одредби се брана за нови рудници со најопасните технологии со отровни хидројаловишта, кои се најчеста причина за руднички еколошки катастрофи. Тие ја закочија и навалата за отворање десетина металични рудници во Источниот и Југоисточниот регион, поттикнати од нашите порозни закони и неинформираноста на јавноста и политичарите.
Второто подобрување на клучниот закон беше во 2021-22, во рамките на кампањата РазбистриСе на ИКС – Институтот за комуникациски студии, кога екоактивисти учествуваа во работна група за законот во Министерството за економија. Се утврди обврска за запирање на рударските работи во случај на загрозување на здравјето, безбедноста и животната средина, известување во рок од 24 часа, па дури и одземање на концесијата, изјави Лилјана Поповска, од „Зелен Институт“.
Веќе е познато дека владејачката партија во својата програма Платформа 1198 се заложи дека ќе отвори нови рудници, а ги наведе рудникот за манган во Стогово, рудникот Тајмиште, за кој се планира избор на концесионер со примена на соодветен метод за екслоатација на железна руда од локалитетот Тајмиште-Кичево, потоа Плавица, (Црн Врв) рудник за бакар, злато и сребро на локалитетите Плавица и Црн Врв во општините Кратово и Пробиштип и Лојане-Липково за која локација се планира да отпочне постапка за избор на концесионер и истата да се стави во функција до 2026 година.
Дилемата која е присутна е како ќе се следи и контролира влијанието на рудниците врз биодиверзитетот и локалните заедници со оглед дека тоа не е никаде наведено, а и досега повеќе се зборувало отколку што се применувало.
На ова прашање од Министерството за енергетика немаа конкретен одговор. Од таму наведуваат само дека „контролата на работењето на рудниците во поглед на заштита на природната средина го вршат инспекцијата на Министерството за енергетика, рудни богатства и минеларни суровини, државните инспекторати за техничка инспекција и за животна средина и на крај МВР“. Но немаат конкретни решенија во оваа фаза.
„Во наредниот период ќе воспоставиме поголема и подобра координација во работењето и надлежностите на инспекциските служби, како и нивно кадровско екипирање“, изјавија од Министерството.
Поповска инсистира на „почитување на веќе донесените закони и ратификуваните меѓународни конвенции за заштита на природата, биодиверзитетот и здравјето, според кои НЕ СМЕЕ да има рудници во заштитени подрачја, на 5 км од населено место или заштитено подрачје, на територии на еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, ниту врз плеќите на населението во места со стари напуштени рудници, кои се одамна претворени во жешки еколошки точки, кои со децении чекаат чистење“.
Колку жешки точки останаа?
Професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на ПМФ е познат на јавноста по неговата активност и долгогодишни научни истражувања за загадувањето на животната средина со тешки метали. Според него дел од жешките точки кој тој ги утврди, се решени, а дел остануваат и по многу години кои треба да се решат.
„2006 година ги дефиниравме жешките точки преку проект на ЕУ во кој бевме вклучени неколкумина домашни и холандски екперти. Беа дефинирани 16 жешки точки од кои најголемиот број беа рудници и топлници, потоа и Охис како хемиска фабрика, кожарата Годел, и двете термоелектрани. Во меѓувреме три се решени (Годел, Кожарата и Рафинеријата) како жешки точки, при што рафинерија не работи со децении и три се надвор од листата, вели Стафилов.
Сите жешки точки според него беа рангирани според опасноста за животна средина и животот на луѓето, при што на прво место беше Охис и тоа е единствена жешка точка во надлежност на државата за која државата има преземено мерки за нејзино решавање.
„Тие кои се во надлежност на државата, а не се решени се Топилницата во Велес со депонијата на троска богата со тешки метали која не е заштитена, Охис, се преземаат мерки, трета, депонијата со троска од работата на Југохром во Јегуновце, каде се складирани 300 илјади тони хроматна мил, отпад од процесот на производство на хромни соли. Таа е делумно решавана своевремено но потребно е да се преземаат посуштински мерки.
Четврто, депонијата во Лојане, рудник за арсен и антимон кој е затворен 1979 година при што останати се околу 15 илјади тони арсенов концентрат на отворено на површина до селата Ваксинце и Лојане, а неколку илјади тони и на железничката станица во Табановце која останала уште од тогаш на тоа место. Тоа е концентрат со висока содржина на арсен и животната средина е загадена, пред се почвата, воздухот зошто со ветерот се разнесува и ризикот е голем.
Од другите жешки точки во надлежност на државата се термолектраните РЕК Битола и Осломеј, кои работатат без вградување на одредени системи за заштита на животната средина. Тие прифаќаат дека треба да ги вградат такви системи но треба да се инвестираат големи средства за вградување на нови системи за да се спречи загадување на животната средина. На оваа листа на жешки точки е и депонијата на гипс кај Градско како отпад од фабриката за вешташчки губрива ХИВ Велес која беше дел од тополницата за олово и цинк во Велес. До тука се одговорност на државата бидејќи се напуштени, освен термоелектраните, треба да се преземат мерки. За некои од нив изготвени се и претпроектни студии и се очекува во иднина да бидат преземени мерки, изјави Стафилов.
Професорот Стафилов сепак вели дека Македонија воведе европско законодавство за заштита на животна средина (освен што недостасува законот за почви). Со негова примена сите оние жешки точки за кои дополнително се издадоа концесии или се продадоа, Државниот инспекторат за животна средина и министерството преземаат мерки да ги решаваат и тие се изложени на голем ризик да бидат затворени ако не преземаат мерки, и кај сите нив има со голем број позитивни примери, вели Стафилов.
„Таков е примерот со Макстил кој вложи околу 20 милиони евра за реконструкција на филтерот, исто така ФЕНИ мораше да изврши реконструкција на филтерот, прашината од оџаци е на минимум сведена и се контролира, се вршат мерења и се тоа е под контрола, рудникот за олово-цинкова руда “САСА” ги покри сите стари јаловишта и се спречена дистрибуцијата на прашина, рудникот за бакар “Бучим” ги реши проблемите со загадување на подземните води, изградена е и фабрика за електролиза на бакар од отпадните води. Сите овие се позитивни примери. Од сето тоа лекција е дека има инструменти, се може, но требаат пари. И како што гледате најголемиот дел од фирмите дефинирани од приватна сопственост порано како жешки точки, презедоа мерки. Секако, треба уште многу инвестиции да се вложат но ова се позитивни примери на спроведување на законските прописи“, изјави Стафилов.
Рудниците каде се ископува лигнит кој се користи во термоелектраните остануваат сериозен извор на загадување на воздухот и контаминација на околните земјишта, но и загрозување на здравјето на самите рудари. Ова е особено опасно ако знаеме дека околу рудниците за лигнит има и плодно обработливо земјиште, наведуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест за локации кои се критични и на кои не се постпапува долго време.
„Како држава која се стреми да ги намали емисиите на стакленички гасови и да стане климатски неутрална до 2050, во исто време ја потпиша Зелената агенда за Западен Балкан каде ги зацврстува заложбите кон циркуларна економија, сметаме дека простор за нови рудници нема. Дури и со највисоките еколошки стандарди загадување од рудниците сепак има“, наведуваат од Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко – свест.
Со овој текст, А1он.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.