Салиу бара институционално системско решение за ромскиот јазик

Од:

Катедра на ромски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик, се само дел од барањата што денеска ги соопшти министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, по повод Меѓународниот ден на ромскиот јазик.

Во изјава за медиумите, Салиу рече дека очекува вистинско институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот.

– Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија, рече Салиу.

Според Салиу, потребно е да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ,да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во училиштата каде мнозинството се ромски деца.

Салиу се надева дека со Буџетот за 2025 година ќе бидат одвоени доволно средства за образование и изучување на ромскиот јазик.

– Првпат кодификација и стандардизација на ромскиот јазик е направена во 1990 година. Ромскиот јазик е признат и од Советот на Европа и од Европската Унија, подвлече Салиу.

Меѓународниот ден на ромскиот јазик е 5 ноември, прогласен од страна на УНЕСКО.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Уапсен е новинарот Фуркан Салиу

Горан Наумовски

Заев: Признавањето на важноста на ромскиот јазик треба да биде дел од напорите за спречување на сите видови дискриминација

Ана Ололовска

Светски ден на ромскиот јазик

Наум Локоски