Две лица загинаа, а двајца се тешко повредени денеска во престрелка во Скадар, Албанија, соопшти полицијата.
Жртвите биле во возило во движење кога напаѓачите се приближиле и испукале рафали при што биле убиен Хамза Лици, за кого полицијата вели дека е „познато име во светот на криминалот“.
Во престрелката тешко е повреден Арлинд Бушати, синот на поранешниот кандидат на Демократската партија на локалните избори, Џемал Бушати.
Автомобилот во кој се превезувале Лици и Бушати потоа удрил во моторциклот со кој се превезувал брачен пар. Жената починала, додека мажот е тешко повреден.
Формирана е специјална истражна група и под раководство на обвинителството интензивно продолжува истрагата за расветлување на околностите на престрелката.
Беа поставени барикади на влезот и излезот од градот. Бушати пред неколку дена пријавил во полиција дека две лица кои не ги идентификувал му се заканувале со огнено оружје.