Рускиот тенисер Данил Медведев се откажа од турнирот во Виена поради повреда на рамото, соопштија денеска организаторите на серијата 500.
Самиот играч најави откажување.
– Имам многу убави спомени од Виена и од овој турнир, затоа ми е жал што нема да играм оваа година, но следната година дефинитивно ќе се вратам – напиша Русинот на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер).
Медведев вчера одигра егзибициски меч против Јаник Синер во Ријад и загуби без проблеми 0:2 (0:6, 3:6). Русинот во најавата не ја спомена должината на паузата, па се уште не е познато дали ќе игра на Мастерсот во Париз кој започнува на крајот на следната недела.
Австриецот Доминик Тием и официјално ќе ја заврши кариерата на турнирот во Виена кој започнува на 21 октомври, а главни фаворити за освојување на трофејот ќе бидат Александар Зверев, Тејлор Фриц, Григор Димитров и Алекс де Минор.