Каишиќ: Таткото на Вања се однесуваше чудно, Кешишов не однесе до местото каде беше закопано девојчето

Од:

На судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска сведочеше поранешниот помошник началник од Скопје, Музафер Каишиќ кој зборуваше за текот на истрагата за пронаоѓањето на Вања. Во својот исказ тој денеска кажа дека до местото на настанот, каде што го пронашле телото на Вања, ги однел обвинетиот Влатко Кешишов.

Каишиќ рече дека бил назначен да го координира активностите за потрагата по Вања.

– Откако бевме известени се вклучивме доцна ноќта. Претходно бев избрифиран што сѐ е преземено. Одлучивме да се приклучиме како старешини да дадеме придонес, добивме насоки да се вклучиме и да помогнеме, рече тој.

Каишиќ зборуваше дека тој бил повеќе во контакт со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за кого рече дека однесувањето му било чудно.

– Мајката беше многу посмирена, посталожена. За Александар првиот впечаток беше, така и продолжи понатаму, однесувањето беше чудно, беше конфузен, беше потиштен во многу изјави и работи кои што ние го прашувавме за да ни помогне во однос на тоа што се случи, рече тој.

Дополни дека Александар инсистирал да преземат конкретни мерки и дејствија, но како што рече, при нивните обиди за претрага на конкретни места, тој велел „џабе одиме таму“.

– Александар цело време велеше дека си го губиме времето, ќерка му е киднапирана, рече Каишиќ.

Прашан дали Александар наведувал некоја причина зошто така мисли, одговори дека не навел конкретна причина. – Не наведе причина затоа што претходно го прашувавме зошто смета, да не должи пари некому, да не му се заканува некој, да не е некој функционер, одговори негативно, рече тој.

Рече дека Александар во текот на истрагата постојано му се јавувал на телефонскиот број, му пуштал пораки, одредени слики, снимки. – Сѐ што знаеше, беше упорен во сето тоа, рече тој.

Посочи дека Александар го запознал со неговиот пријател Гоце Трајковски, кој исто така им испраќал снимки, меѓу кои и снимката од бензиската пумпа во Велес на која во возилото Цитроен на Панче Жежовски, покрај Панче се гледа и Боре Видоевски.

– Од страна на Гоце ми беа испратени многу снимки и пораки, би издвоил само една снимка која што беше специфична од возило на бензиска пумпа во Велес каде што ние немавме поим за какво возило се работи. Гоце ни ја пушти таа снимка, не ни беше јасно, вели имаше лице кое што седеше со него, не знаеме кое, рече тој, дополнувајќи дека им кажал дека снимката ја прибавил од братучед кој работел на бензинската пумпа, рече Каишиќ.

Посочи дека според неговите видувања, Александар и Гоце повеќе сакале да дознаат со кои информации располага МВР.

Ја издвои сликата на која се гледа камера која гледа во влезот од зградата од која била киднапирана Вања, меѓутоа, кога дошле до сопственикот увиделе дека немало струја бидејќи кабелот бил исечен.

-Отидовме до самиот објект кој беше спроти влезот и камерата гледаше точно кон влезот, Александар се понуди и рече јас ќе се погрижам. Стапивме во контакт, лицето се согласи да го даде снимките. Кога пристигна лицето и го отвори тој објект и додека го отвораше виде дека нема струја, кабелот бил исечен од камерата, рече тој.

Во денешното сведочење Каишиќ рече дека го запознале Влатко Кешишов вечерта кога вршеле претрес во политичка партија „Десна“, откако снимката со возилото „Рено кангу“ ги одвела до таа локација.

– Кога влеговме разговарав со него. Разговорот се одвиваше во моментот кога беше приведен. На една од снимките го видовме кангуто и тоа нѐ однесе до тие простории, рече Каишиќ, додавајќи дека Кешишов давал некои индиции дека нешто се случува и во еден момент кажал дека ќе ги однесе некаде за да им покаже нешто, меѓутоа барал да одат сами.

Кога му кажал дека не може да одат сами, Кешишов рекол дека се плаши од остаантите луѓе и ако дознае Палчо ќе го убие.

По кратко уверување дека нема да се случи тоа, како што дополни, отишле. Според неговото сведочење, Кешишов најпрво ги однел до запаленото возило, а потоа и до местото каде што била закопана Вања.

– Отидовме до запаленото возило, ние веќе знаевме дека е таму. Тогаш беа тие моменти кога сакаше да каже нешто, а не можеше. За да во еден момент рече ајде ќе ве однесам. Возевме по негови насоки, стигнавме до еден огромен простор кој што служи за некоја депонија од време на време. Тука се одвиваше чудна комуникација, сакаше да каже нешто, и одеднаш не можам, не можам, не можам. За да во едно време рече ајде. Тогаш јас го прашував каде, каде. Во тој момент ми посочи со главата, имаше едни перници, тоа беше невозможно да се најде. Со главата покажа таму кај перниците. И тогаш морав да ги приближам колегите. Се обидов да го прашам што таму под перниците. Тогаш ме фати за рака и ми кажа „мислам дека тука има некој, девојчево што го грабнаа“. Почнавме да го откопуваме местото до оној момент кога се виде носот и веѓата, тука престанавме, рече Каишев.

Дополни дека на неговото прашање кој го сторил тоа, Кешишов ги споменал Велимир, Палчо и Боро.

– Тогаш беше моето прашање кој. Само го спомна Велимир, Палчо и Боро. Ја земаа и тука ја фрлија. Јас бев на страна, кажа Каишев.

Прашан дали во моментот кога им била пратена снимката им било познато дека постои врска меѓу исчезнувањето на Панче и Вања, одговори не, но им станало јасно подоцна. – Ни стана јасно затоа што на самото место каде што го најдовме девојчето, возилото беше Цитроенот а лицето ни го кажа Кешишев. Лицето што седеше до Панче е Боре, рече началникот.

На вкрстени прашања од адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, инспекторот одговори дека нема намера да осуди него.

Прашан на што се должат неговите заклучоци дека однесувањето на Александар било сомнително и чудно, одговори дека бил конфузен во своите изјави и уверен дека е киднапирана и убиена.

– Ниту јас, ниту кој било од колегите не донесе суд за Александар. Јас само го кажав мојот впечаток и впечатокот на колегите, рече инспекторот.

Во однос на прашањето дали имал некакви забелешки од комуникацијата со Александар, одговори не.

– Немавме забелешки, освен тоа стварање дополнителен проблем, затоа што од една страна бараше да се помогне, а тогаш кога ќе тргневме велеше џабе бараме, киднапирана е, убиена е, рече тој.

Прашан дали и денеска има чувство на ниво на сомнеж за Александар токму поради тој конфузен пристап кој го опиша, одговори дека не осудил никого.

На прашања од бранителот на Љупчо Палевски дали е пронајден пиштолот со кој е извршено кривичното дело, одговори не.

Прашања поставуваше и обвинетиот Љупчо Палевски кој праша какви дејствија преземале да утврдат кој го исекол кабелот, на што началникот одговори дека од сите камери, како што рече, „не можеше да се најде сторителот“.

Прашан што откриле од местото на настанот, освен телото на Вања, одговори дека го откриле и алатот со која е икопана дупката, но, дополнително прашан, одговори дека не е запознаен со вештачењето на лопатата.

Прашан дали на која било снимка го виделе него, Љупчо Палевски, како обвинет, одговори не.

На дополнително прашање од обвинителката, началникот рече дека Кешишов му кажал дека на местото на настанот комуницирале со радио врска – мотороли.

На крајот од сведочењето директно прашање постави адвокатот Туфегџиќ кој праша дали во моментот кога Александар веќе бил приведен од полицијата во просториите на полициската станица при вршење на тортура од страна неговите колеги, бил присутен и тој и се обратил со зборовите „Немојте луѓе да го тепате, да видиме да не има случајно нешто друго“, одговори негативно.

Во продолжението на денешното рочиште сведочеше велешкиот инспектор, Ристе Самарџиев кој ја опиша истрагата за пронаоѓање на Панче Жежовски.

На минатото рочиште, во понеделникот сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков.

Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Би можело да ве интересира

Адвокатот што го возел Палевски до Турција се онесвестил кога прочитал за што го обвинуваат Палевски

Катерина Ѓуровски

Палевски дојде кај мене да го поправи котелот за греење ден по убиството на Вања – сведочи негов пријател

Катерина Ѓуровски

Продолжува судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски

Катерина Ѓуровски

Стојков: Палчо ми кажа дека има некое велешко возило кое „се лепи за него, низ градот каде и да се движи“

Во собата каде што спиел Палевски имало пиштол посведочи негов сопартиец

Таткото на Вања бараше да му пишеме на Илон Маск за да ја најде со сателит, сведочеше тетката на Вања