Апелацискиот суд денеска расправаше по жалбата на Обвинителството во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, при што обвинителот Дарко Јакимовски побара осудителна пресуда и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој претходно беше ослободен од Кривичниот суд.
Обвинителството смета дека Ѓорчевски имал улога во грабнувањето на неговата ќерка, посочувајќи дека преку порака им кажал на децата како да се облечат утрото кога Вања беше киднапирана. Според обвинителот, токму таа информација можел да ја знае само најтесниот семеен круг.
„Александар има клучна улога од првото до второто дело“, рече Јакимовски, додавајќи дека првостепениот суд не направил доволна анализа на доказите и на однесувањето на Ѓорчевски во деновите по исчезнувањето на Вања.
Одбраната, предводена од адвокатот Владимир Туфегџиќ, оцени дека барањето на Обвинителството е неосновано и опасно. Туфегџиќ истакна дека во постапката не бил презентиран ниту еден доказ за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и останатите обвинети.
„Опасен преседан се наводите дека е логично да нема докази“, рече Туфегџиќ, нагласувајќи дека и Врховниот суд претходно го разгледувал случајот и дека ослободителната пресуда треба да биде потврдена.
На кратко се обрати и самиот Ѓорчевски.
„Од оваа позиција во која се наоѓам како заложник, немам што да додадам“, рече тој пред да ја напушти судницата.
Во првостепената пресуда, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, додека Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвиненијата.
Осудените побараа укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење. Во текот на судскиот процес, дел од обвинетите го посочија Палевски како директен извршител на убиствата, додека тој и Видевски ја негираа вмешаноста.
