Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска во Берлин остварил билатерална средба со сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.
Oва е прва официјална средба на двајцата министри по преземањето на министерската позиција на Муцунски.
Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.
– Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада, нагласил Муцунски.
На средбата и на прес-конференцијата, министерот Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји, притоа тој нагласи дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за Регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.
Говорејќи за евроинтеграцијата и европската перспектива на Република Македонија, германската министерка за надворешни работи Ана Бербок истакнала дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.
– На нас како Германија ни е посебно важно, да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување, нагласила Бербок.
„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи“, рече Бербок.
Според Бербок, во случајот на Северна Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, рече Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.
Потенцирајќи ја силната поддршка од Германија и фактот дека македонската влада посветено напредува во реформскиот процес, германската министерка Бербок ја споменала важноста на реформите во правосудството, борбата против корупција и зајакнување на правната држава.
Бербок ја потенцирала и улогата на земјава во регионалните иницијативи и притоа посочила дека Република Северна Македонија досега преземала сериозна одговорност, пред се во рамки на „Берлинскиот процес“, а потоа и во мултилатералните иницијативи на меѓународната сцена, односно во Советот за човекови права на Обединетите Нации и Извршниот совет на организацијата за забрана на хемиско оружје.