ВИДЕО: Снимен моментот кога Северна ги разнесе патиштата што ја поврзуваат со Јужна Кореја

Од:

Северна Кореја разнесе делови од пат на својата страна од силно милитаризираната граница меѓу двете Кореи, соопшти началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја, објавувајќи видео од инцидентот.

Околу пладне по локално време, разнесени се делови од патот северно од воената демаркациона линија меѓу двете земји, соопшти Здружениот штаб. Јужнокорејската војска го засили надзорот и подготвеноста да одговори, се додава.

Сеул претходно предупреди дека Пјонгјанг планира да разнесе патишта. Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја дека испраќа беспилотни летала над нејзиниот главен град Пјонгјанг.

Северна Кореја во петокот соопшти дека беспилотните летала фрлиле „голем број“ непријателски летоци врз Пјонгјанг, што го гледа како политичка и воена провокација што може да доведе до вооружен конфликт.

Портпаролот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја во понеделникот одби да каже дали со наводните беспилотни летала управува јужнокорејска војска или цивили.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се состана со претставници на одбраната и безбедноста во понеделникот за да разговара за одговор на „сериозна непријателска провокација што го наруши суверенитетот на земјата“, објави севернокорејскиот државен медиум KCNA.

Руското Министерство за надворешни работи вчера ја обвини Јужна Кореја за зголемување на тензиите со соседната земја и повика на дипломатија за воспоставување мир и безбедност на Корејскиот Полуостров.

„Обезбедувањето долгорочен мир и стабилност во подрегионот е можно само преку политички и дипломатски средства засновани на неделива безбедност. Нема алтернатива освен ако агресијата не е вистинската цел на Јужна Кореја и нејзиниот „поголем“ сојузник, САД – изјави портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова.

Русија и Северна Кореја ги зајакнаа дипломатските и воените врски од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Во понеделникот Путин до Думата, долниот дом на рускиот парламент, достави текст за ратификација на договорот за стратешко партнерство со Северна Кореја, пренесе новинската агенција Интерфакс. Во случај на вооружен напад на едната земја, другата треба да и пружи воена помош, стои во текстот на договорот.

Би можело да ве интересира

Медиуми: Севернокорејски генерал е ранет во неодамнешниот украински ракетен напад

Горан Наумовски

Ким Јонг-ун нареди зајакнување на нуклеарните сили: „Мораме да ги завршиме подготовките за војна“

ФТ: Северна Кореја испорача на Русија ракетни и артилериски системи со долг дострел

Потпишан договорот: Русија и Северна Кореја имаат заедничка одбрана

Предраг Петровиќ

Јужна Кореја: Двајца загинати, 12 исчезнати откако потона рибарски брод

Сестрата на севернокорејскиот лидер: Само лудаците од Сеул и Киев може да видат наши војници во Украина

Предраг Петровиќ