Вооружен маж од Лас Вегас е уапсен во близина на местото каде кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп одржа предизборен митинг во калифорнискиот град Коачела, соопшти полицијата.
Полицајците распоредени на собирот забележале сомнителен црн џип и при претресот пронашле наполнета пушка, пиштол и поголема количина муниција.
Надлежните велат и дека кај уапсениот 49-годишен Вем Милер пронашле неколку пасоши и возачки дозволи, како и дека автомобилот бил со лажна регистарска табличка.
Тој беше уапсен под сомнение за нелегално поседување оружје и муниција, а подоцна беше ослободен со кауција од 5.000 долари.
Неговото судско рочиште е закажано за 2 јануари следната година.
Американската тајна служба објави дека Трамп „не бил во опасност“, а не биле ниту другите учесници на митингот.