Македонија има разбирање за тешката ситуација во која се наоѓа Грција, но не може да разбере дека Грција не може да посвети минимум внимание на спорот за името, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски од Њујорк, каде вчера имаше средба со грчкиот колега Евангелос Венизелос.
По средбата, Попоски изјави дека Грција не покажува волја да биде дел од решението и меѓу ставовите на двете страни „има планини“.
– Можеме да имаме разбирање за значителните потешкотии со кои се соочува нашиот јужен сосед, но не можеме да разбере да не може да се посвети минимална енергија за надминување на еден 20 годишен спор. Мислам дека тука треба да биде фокусот на интересот во следниот период, изјави Попоски.
Грчката страна, по средбата, информираше дека Венизелос на средбата со Попоски информирал за грчките ставови за тоа како треба да се реши спорот за името. Венизелос во Њујорк досега најави дека за Грција решението е Македонија да прифати ново име, кое ќе се употребува во сите случаи.
Попоски, но и Венизелос, вчера присуствуваа и на неформалната транс-атланска вечера на министрите за надворешни работи од САД, Канада и европските земји. По вечерата, грчкото Министерство за надворешни работи информираше дека Венизелос за време на вечерата, настрана разговарал со американскиот државен секретар Џон Кери, при што главна тема на разговор бил спорот за името.
Денес меѓу 9 и 10 часот вечер според македонско време пред Обединетите нации треба да се обрати претседателот на Владата Никола Груевски. Час и половина по него е предвидено обраќањето и на Венизелос.