Авион на полска компанија попладнево принудно слета на аеродромот во Подгорица, откако капетанот пријавил дека има дојава дека во авионот била поставена бомба.
Истрагата откри дека пријавата е лажна, а наводно зад сето тоа стои одмаздољубива жена.
Една полска државјанка пријавила дека нејзиниот сопруг имал бомба во авионот, откако таа наводно останала на аеродромот, па сакала да се одмазди, пренесува RTCG.
Дојавата била примена нешто пред 17 часот, по што авионот бил изолиран и подалеку од патничкиот терминал при слетувањето. Надлежните од аеродромот во Црна Гора изјавија дека сите патници се безбедни и дека контролата се врши според пропишаните процедури во синхронизирана акција на Полициската управа, аеродромот и другите служби.
Како што наведоа истражителите, од екипажот на летот Варшава-Подгорица на полска авиокомпанија биле информирани дека во авионот била поставена експлозивна направа.
„Имено, за време на летот над Унгарија, екипажот бил известен од вработените на аеродромот во Варшава дека добил дојава дека во наведениот авион е поставена експлозивна направа, со која информација екипажот ја известил црногорската полиција при слетувањето на аеродромот“, се вели во соопштението на полицијата.
Како што посочуваат, веднаш биле преземени активности во надлежност на полицијата – патниците се евакуирани, извршен е антидиверзантски преглед на леталото, но не е пронајдена експлозивна направа.
„За настанот бил запознаен обвинителот во Основното државно обвинителство во Подгорица. Напоменуваме дека немало затворање на аеродромот во Подгорица“, се заклучува во соопштението.