Русија е воено непобедлива, натамошната ескалација во Украина ќе доведе до непоправливи последици за целото човештво, изјави казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Астана.
„Факт е дека Русија, во воена смисла, е непобедлива. Понатамошната ескалација на војната ќе доведе до непоправливи последици за целото човештво, пред се за сите земји кои се директно вклучени во руско-украинскиот конфликт. За жал, добра шанса да се постигне, барем примирје се пропушти со несклучување на Истанбулскиот договор“, рече Токаев.
Сепак, истакна тој, можноста за постигнување мир сè уште постои. Потребно е внимателно да се разгледаат сите мировни иницијативи на различни држави и да се донесе одлука за прекин на непријателствата, а потоа да се премине на разговори за територијални прашања.
„Според нас, мировниот план на Кина и Бразил заслужува поддршка. Државните лидери доаѓаат и си одат, но народите, особено соседите, треба да живеат во мир и меѓусебно разбирање. Казахстан и Русија имаат најдолга демилитаризирана копнена граница во светот. Меѓу нас се развива рамкатата на стратешко партнерство и сојуз“, нагласи Токаев.
Во понеделникот Шолц пристигна во официјална посета на Казахстан. Тој ќе учествува на вториот самит „Централна Азија + Германија“, а ќе разговара и за реализација на заеднички инвестициски проекти.