Специјалниот суд во Хаг им го продолжи притворот на поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи и Кадри Весели, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, за уште два месеци.
Во образложението на решението беше наведено дека советот констатирал дека доколку бидат ослободени, постои ризик да побегнат или да влијаат врз сведоците и да ја нарушат работата на судот.
Тачи и Весели се во судски притвор во Шевенинген од ноември 2020 година, кога беа уапсени на Косово. Ним им се суди заедно со водачите на ОВК Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
Тие се обвинети за неправедно лишување од слобода, мачење и убивање на луѓе.
Во обвинението се наведува дека воените злосторства и злосторствата против човештвото за кои се обвинети се извршени во периодот од март 1998 до септември 1999 година најдоцна во 42 нелегални притворски центри на ОВК во Косово и Албанија над најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 се убиени.
Специјализираното обвинителство во Хаг претходно соопшти дека има повеќе од 300 сведоци кои ќе дадат изјави во текот на оваа судска постапка.