Владата ќе поттикнува изградба на детски градинки и старечки домови

Од:

Со сет мерки Владата ќе поттикнува изградба на приватни детски градинки и домови за стари лица, а со законски измени ќе овозможи овие домови да можат да ги користат и странски државјани.

– Градежното земјиште за оваа намена ќе има почетна цена од 1 евро за метар квадратен, а цените на комуналиите за такви објекти да биде намалена за 95 проценти, односно предлагаме коефициентот за уредување на градежно земјиште да биде изедначен со коефициентот кој е предвиден за објекти од типот на угостителски туристички објекти, комплекси и одморалишта. Исто така ќе се стимулираат правните лица кои сакаат да инвестираат во градинки и приватни домови за стари лица да ги искористат поволните кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот, појасни на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Додаде дека ќе се обезбедат предуслови странски државјани да можат да ги користат домашните капацитети за згрижување стари лица преку измени на регулативата за привремен престој на странци. Ќе биде спроведена и поширока промоција на овој пакет поволности како пред домашните, така и пред меѓународните инвеститори.

– Овој пакет мерки значи збогатување на инвестициската понуда што ја нудиме пред меѓународните инвеститори. Надоврзана со активностите кои се спроведуваат за промоција на туризмот односно на природните убавини, традиционална храна и се друго што е предност на Македонија, како и пониските цени во однос на другите пазари очекуваме и ниските цени во установите за стари лица очекуваме позитивно да влијае на здравствениот туризам, рече Пешевски.

Тој изрази уверување дека поволните услови, пониската цена на сместување во приватните домови во однос на земјите членки на ЕУ комбинирано со поволната клима, природните богатства и убавата храна може да побуди интерес кај постарите жители од ЕУ да ги користат условите на установите за стари лица во Македонија.

Пешевски истакна дека во пакетот мерки за изградба на приватни детски градинки се овозможува странските инвеститори кои веќе имаат изградено и отворено фабрики со поголем број на вработени во Технолошко-индустриските развојни зони да одлучат во рамките на зоната да отворат сопствени градинки или тоа да го направат во партнерство со други фирми.

– Притоа ќе бидат обезбедени услови за изградба на целосно независни објекти во рамките на овие зони со што ќе се обезбеди децата на вработените да бидат згрижени по субвенционирани цени во временски периоди кои одговараат на работодавачите и вработените, блиску до работните места, истакна Пешевски.

Освен повластената цена за градежно земјиште и за комуналии, како и поволните кредитни линии, како што појасни министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на идните инвеститори ќе им бидат понудени и некои од активните мерки за вработување како кредитирање или финансирање правни субјекти за отворање нови работни места, субвенционирање на вработување… Измените на законските акти да се направат во наредните два месеца, а подзаконските да бидат изменети во октомври.

Министерот Спасов очекува дека овие мерки ќе побудат интерес и кај домашните компании, кај странските инвеститори, но и кај многу Македонци кои живеат во странство да инвестираат во овој сектор.

– Со цел да овозможиме непосредна и директна комуникација отворен е кол центар на телефонскиот број 15505 каде сите потенцијални инвеститори можат да се обратат. Тоа можат да го направат и на email адресата [email protected]. Ќе се формира посебен тим кој ќе ги координира активностите, а ќе биде формирана и листа на слободни и подготвени локации на градежно земјиште во Македонија со намена изградба на приватни градинки или старски домови, како и листа на стари и неискористени објекти кои ќе можат да се продадат и преадаптираат за оваа намена, рече Спасов.

Во моментов во Република Македонија функционираат 15 приватни старски домови кои згрижуваат 460 стари лица и пет приватни детски градинки кои згрижуваат 322 деца.

Би можело да ве интересира

Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

СДСМ: Mицкоски ги излажа пензионерите, нема зголемување на пензиите за 5.000 денари како што ветуваше

АНАЛИЗА: Бројот на пензионери ќе се зголемува, притисокот врз ПИОМ ќе расте

Предраг Петровиќ

АНАЛИЗА: Пензискиот фонд не може да “живее“ без буџетски трансфери

Предраг Петровиќ