Снимката од надзорната камера на која се гледа како израелски војници силуваат палестински затвореник во озлогласениот затвор Сде Тејман, се објавена во јавност.
Видеото покажува чувари во затворот во пустината Негев во јужен Израел како одвојуваат затвореник, осомничен борец на Хамас, заробен во Газа, од поголема група која лежи на земја. Потоа жртвата е однесена до ѕидот, каде што чуварите, користејќи штитови за да го сокријат својот идентитет од камерата, ја силуваат. По инцидентот, десет војници на единицата Форс 100 беа уапсени на 29 јули, пишува Ал Џезира.
Двајца војници беа ослободени на сослушувањето на воениот суд на 30 јули, а воените обвинители дополнително ослободија уште тројца на 4 август. Иако целиот случај ја потресе израелската заедница, некои, како екстремно десничарскиот израелски министер за финансии, повеќе се нафрлија на проблемот со протекувањето на снимката, а помалку на самото силување.
„Бараме итна кривична истрага за да се најдат оние кои го објавија видеото. Ова видео нанесе огромна штета на војската, но и на угледот на Израел“, напиша Безалел Смотрич на Х во четвртокот. Министерот за одбрана Јоав Галант рече дека истрагата за однесувањето на војникот мора да продолжи, додавајќи дека „дури и во време на гнев, законот важи за сите“.
Итамар Бен-Гвир, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, го нарече притворот на војниците „ништо помалку од срамно“. Затвореникот бил хоспитализиран по како што израелските медиуми го опишале сериозното сексуално злоставување. Имал повреди на анусот што го спречувале да оди.
Од нападот на Хамас на 7 октомври, израелските власти приведоа илјадници Палестинци, честопати без правно застапување. Би-Би-Си претходно разговараше со медицинските работници во теренската болница поставена во Сде Тејман, кои рекоа дека затворениците биле со врзани очи, трајно врзани за кревети и принудени да носат пелени наместо да имаат пристап до тоалетите.
Во јуни, израелскиот весник Хаарец објави тврдења на лекарите во Сде Тејман дека на двајца затвореници им биле ампутирани нозете поради повреди со лисици. Тамошните затвореници им се пожалија на новинарите и претставниците на Обединетите нации дека биле тепани. Израелските одбранбени сили негираа систематска злоупотреба.
Многу жители на Газа уапсени од израелската војска се ослободени без обвинение по сослушувањето. Во јули, Амнести интернешнал го повика Израел да го прекине неопределено задржување на Палестинците од Газа.