Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Лозница изјави дека Србија во наредниот период ќе се здобие со многу исклучително оружје.
Тој одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Србија за вооружување на Хрватска со американски ракетни системи „хајмарс“, рече дека Хрватска има право да се вооружува, но додаде дека Србија ќе добие многу повеќе во наредниот период.
Нашите екипи работат на тоа и веќе имаме многу склучено, па ќе го видите за краток период“, рече Вучиќ при обиколката на реновираната касарна „Наредникот Момчило Гавриќ“.
Вучиќ потсети и дека Хрватите ќе добијат 12 користени авиони Рафал и додаде дека „хајмарсите“ ќе ги добијат за 3 години.
Тој оцени дека „хајмарсите“ се исклучително сериозна, прецизна алатка, многу мобилна.
Замислете само да набавевме нешто од тој тип, колку текстови ќе се објавеа во регионот, како ги загрозуваме сите и сè“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија не ја покажала целата своја воена опрема и најави уште „изненадувања“ во наредниот период.
„Работиме многу сериозно и инвестираме многу пари, бидејќи нашата доктрина се промени… нашата доктрина денес е многу посериозна, сложена, покомплексна, бара многу повеќе од нас. И затоа гледате точно каде стигнавме. Кога зборуваме за таа доктрина и за стратешки и тактички определби, ќе јакнеме и стануваме силни многу побрзо отколку што тоа го гледаат“, рече Вучиќ.