Исмаил Ханије, водачот на палестинското движење Хамас, наводно, бил убиен во средата од експлозивна направа која тајно била прошверцувана во гостинската куќа во Техеран каде што престојувал, изјавија седум претставници на Блискиот Исток, меѓу кои двајца Иранци и еден американски функционер, oбјави The New York Times.
Бомбата била скриена во гостинската куќа пред два месеци. Гостинскиот дом е управуван и заштитен од Корпусот на Исламската револуционерна гарда и е дел од големиот комплекс, познат како Нешат, кој се наоѓа во богат кварт во северен Техеран.
Познато е дека Ханије беше во иранската престолнина на претседателската инаугурација. Бомбата била активирана од далечина, изјавија пет официјални лица, откако беше потврдено дека тој се наоѓал во неговата соба во гостинската куќа. Во експлозијата загинал и неговиот телохранител.