Нападот на трговскиот центар во Најроби, во кој се убиени најмалку 67 лица е порака за западните држави кои што ја поддржуваат Кенија, објави лидерот на Ал Шабаб.
Тој предупреди дека крвопролевањата ќе продолжат доколку Кенија не ги повлече своите сили од Сомалија.
Лидерот на радикалната исламистичка група Ал Шабаб, Ахмед Абди Годан, нападот го нарече „историска операција“.
– Кениски народе, тргнавте во војна која не беше ваша и која што е против вашите интереси. Го изигравте својот мир и просперитет и изгубивте деца, додаде тој.
Ал Шабаб соопшти и дека странците во текот на нападот биле „легитимна мета“ и дека вооружените напаѓачи ги поделиле муслиманите од другите и ги пуштиле да си заминат од нападнатиот објект во Најроби, пренесе „Франс прес“.
Во пораката упатене до американската агенција „Асошиејтед прес“, групата наведува дека џихадистите спроведувале проверка, со цел муслиманите да не бидат повредени.
Според „Асошиејтед прес“, од 67 жртви убиени во нападот на трговскиот центар во Најроби, 18 се странци, меѓу кои шест Британци, и по еден државјанин на Франција, Канада, Тринидад, Холандија, Австралија, Перу, Индија, Гана, Јужна Африка и Кина.
Елена Георгиевска