ВМРО-ДПМНЕ успеа за еден месец на власт да сруши стабилни економски политики коишто Социјалдемократскиот сојуз макотрпно ги градеше изминатите седум години во услови на економска и ковид криза. Ова го истакна пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната прес конференција посветена на ребалансот на Буџетот што Министерството за финансии го презентираше вчера.
„Со буџетот се предвидува буџетски дефицит од неверојатни 4,9% и покачување на јавниот долгот на 68%. Само овие две бројки потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја води државата во амбис. Уште со првиот ребаланс, ВМРО-ДПМНЕ го руши она што макотрпно го градевме во соработка со меѓународните финансиски институции, а тоа е стабилен и оджрлив финансиски систем“, изјави Лукаревска.
Лукаревска ги презентираше сите небулози на ребалансот и даде одговор зошто тие се штетни за државата и за економијата.
„Во седум години владеење, од кои пет во ковид и економски кризи, СДСМ успеа да го намали буџетскиот дефицит на 3,6% и да го намали јавниот долг до 55%. Сега ВМРО-ДПМНЕ го покачува дефицитот за цели 36%, а јавниот долг на ризични 68%. Овој процент на јавен долг е спротивен на Мастришките декларации и сериозно ќе го наруши кредитниот и финансискиот рејтинг на земјата“, истакна Лукаревска.
Јавноста треба да знае, дека и покрај сите апокалиптични економски години низ кои СДСМ ја водеше државата, сепак успеа финансиски да ја консолидира, потенцира Лукаревска.
„ВМРО-ДПМНЕ со овие буџетски политики ќе направи хаос и ќе создаде зависност од кредитирање. Не постои ниеден сериозен финансиски експерт или макроекономист кој овој буџет го смета за оправдан“, децидна е Лукаревска.
Лукаревска најави дека ставовите изнесени на денешната прес-конференција се првични согледувања и дека ребалансот на Буџетот СДСМ детално ќе го анализира во Собранието.